/ Прочитано:

1.079

Штетата од демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот сè уште не е допрецизирана

Според Обвинителството, штетата, нанесена од страна на демонстрантите кои протестираа по одлуката за аболиција што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов, изнесува 880 илјади денари. Овој износ претставува вкупна штета од насилните демонстрации, за која одговараат повеќе лица во различни предмети.

Судница 1 Основен суд Скопје 1

Застапникот на оштетената страна, Државното правобранителство на Република Македонија, сè уште нема пријавено колкава е штетата нанесена со демолирањето на Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија што се наоѓа во центарот на Скопје.

Според Обвинителството, штетата, нанесена од страна на демонстрантите кои протестираа по одлуката за аболиција што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов, изнесува 880 илјади денари. Овој износ претставува вкупна штета од насилните демонстрации, за која одговараат повеќе лица во различни предмети.

Поради барањето за допрецизирање на висината на штетата за секој обвинет поединечно, денеска повторно се одложи судењето за првите двајца обвинети демонстранти, Никола Аризанов и Филип Наковски.

Нов термин за почеток на судењето беше закажан за в петок во 12:00 часот.

Според одбраната, неправично е штетата од 880 илјади денари да ја сносат само двајцата демонстранти кои со признавањето вина автоматски ќе бидат задолжени да ја платат.

„Самата штета не беше поткрепена ниту со вешт наод и мислење, туку беше паушално утврдена и, во таа смисла, бидејќи моите клиенти се обременети со досие, сметаме дека најдобрата варијанта е признавање на вината, но за да го избегнеме прифаќањето на сите трошоци и целата штета, побаравме обвинителниот предлог да биде прецизиран или на солидарна одговорност или да се бара отштетното побарување преку граѓанска постапка“, рече вчера адвокатот Владимир Данаилов.

Во полицискиот извештај, објавен по приведувањето на Никола и Филип, е наведено:

„Во врска со настанот запознаен е јавен обвинител и по прегледувањето на видеозаписи, од страна на јавниот обвинител и полициски службеници од Единицата за насилен криминал, е констатирано дека Н. А. и Ф. Н. активно учествувале во група што врши оштетување на Народната канцеларија на Претседателот на РМ, изнесување на инвентар од истата и опожарување на инвентарот на коловозот“.

Покрај Никола и Филип, за учество во толпа што ќе изврши кривично дело осомничени се и студентот Борјан Ефтимов и членовите на Левица Здравко Савески и Никола Куновски. Сите се наоѓаат во куќен притвор.

М. С.

Одложено е судењето на двајцата демонстранти. Штетата од демолирањето на Канцеларијата на Претседателот изнесува 880 илјади денари