/ Прочитано:

1.704

ШТО ПРЕДВИДУВААТ „ЗАКОНИТЕ ОД ПРЖИНО“ – Образложенија на новите закони и законски измени

Понеделник, 9 ноември 2015 – Измени и дополнувања на Кривичниот и на Изборниот законик, потоа измени и дополнувања на Законот за Владата на Република Македонија, како и нови закони за заштитата на приватноста и за заштитата на укажувачите, или популарно наречени „Законите од Пржино“, предложени се денеска по скратена постапка во Собранието на Република Македонија. Во рамки на 75 седница на собранието предложена е и одлука за формирање на Анкетна комисија за скандалот со прислушкувањето. Законите и одлуката се очекува да бидат изгласани во рамки на денешната собраниска седница.

Измени и дополувања на Законот за Владата на Република Македонија

„Политичката состојба во Република Македонија во изминатите неколку месеци и преговорите за надминување на несаканите последици од состојбата ја наметнаа потребата до соодветни измени и дополни на Законот за Владата на Република Македонија“, се вели во образложението на измените на Законот за Владата на Република Македонија.

Со членовите 1 и 2 се предвидува избор на Влада за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија. За таа цел со одредбите на новите предложени одредби утврдена е постапката за организација на предвремените избори за пратеници во 2016 година, изборот, односно именувањето на соодветните министри и заменици министри, надлежностите, надминување на неусогласеноста и правото на посебните советници кое го имаат одделните функционери предвидени во Предлогот.

„Сто (100) дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на Претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов Претседател на Влада кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија“, се вели измените на Законот за Владата. Понатаму, се предвидува дека заради потреба од организација на изеборите, претседателот на Владата на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата, односно на  партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Министерот за внатрешни работи може да изврши разрешување или распоредување на исто, пониско или повисоко место на носител на раководна позиција во министерството во согласност со Закон. Со денот на именувањето на лице на раководната позиција, министерот е должен да именува дополнителен заменик на предог на дополнителниот заменик министер.  Дополнителниот заменик на раководниот слубеник  заедно и рамноправно учествува во спроведувањето на надлежностите кои произлегуваат од закон и подзаконските акти. Сите акти од надлежност на раководниот службеник треба да бидат потпишани и од раководниот службеник и од дополнителниот заменик на раководниот службеник. Доколку актот е потпишан само од едното лице се смета дека истот не произведува правно дејтсво.

Заради организација на предвремените избори за пратеници во 2016 година, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија именува дополнителен заменик на министерот во: Министерството за внатрешните работи – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија; Министерството за труд и социјална политика – предложен од политичката партија на власт со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија; Министерството за финасии – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија; Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ­ предложен од политичката партија во опозиција со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација – предложен од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.

 Мандатот на дополнителниот заменик на министерот трае од денот на неговиот избор до денот на изборот на Влада по завршување на предвремените избори за пратеници што ќе се одржат во 2016 година. Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

Секој акт во смисла на овој закон се доставува до министерот и дополнителниот заменик министер. Министерот и дополнителниот заменик министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот во смисла на овој закон. Дополнителниот заменик на министерот има право на посебни советници и кабинетски службеници чиј број е еквивалентен на бројот на посебните советници и кабинетски службеници во кабинетот на министерот, според Законот за Административни службеници.

Измени и дополнувања на Изборниот законик

Со измените на Изборниот законик се предвидува изборот на претседател на Републиката да се врши на територијата на Република Мaкедонија и во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, како една изборна единица според мнозинскиот модел.

Ставот 2 предвидува дека во Собранието на Република Македонија се избираат од 120 до 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици утврдени со овој законик и во секоја се избираат по 20 пратеници и 3 пратеници се избираат според пропорционалниот модел во една изборна единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија. Исто така, се предвидува изборот на членовите на советите и изборот на градоначалници.

Одредбата на членот 21 предвидува во поднесената листа на кандидати за пратеници и за членови на совет на општината и градот Скопје, најмалку 40% од кандидатите да му припаѓаат на помалку застапениот пол“, се вели во законското образложение.

Измени и дополнувања на Кривичниот законик

Предложение измени на Кривичниот законик содржат измени и дополнувања на членот 151 „Неовластено прислушкување и тонско снимање“.

„Предлогот произлегува од постигнатиот Договорот од 2 јуни 2015 година, неговиот Анекс од 19 јуни 2015 година и Протоколот од 15 јули 2015 година. Имено, измените и дополнувањата на овој член се во духот на договорениот Закон за заштита на приватноста“, се вели во законското образложение.

Предлогот на законот за дополнување на Кривичниот законик содржи  два  члена. Со првиот член се зголемува казната за неовластено прислушкување и тонско снимање.  Според измените, се предлага во член 151 во ставот (1) зборовите ,,со парична казна или со затвор до една година’’ се заменуваат со зборовите ,,со казна затвор од една до пет години’’.

 Се менува и ставот (4) и се додава и нов став со кои се пропишува кривична одговорност за одговорното лице во правното лице. Со овој член се пропишува и одговорност за правното лице чија што примарна дејност е давање на телекомуникациски услуги, за што е пропишано дека ќе се казни со парична казна во висина од 10% од вкупниот приход од тековната година во која е сторено делото.

Нов Закон за заштита на приватноста

Според образложението на предложениот Закон за заштита на приватноста во членот 1 се уредуваат прашањата за заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, забрана за поседување, обработка, јавно објавување на материјалите кои претставуваат повреда на приватноста на личниот и семеен живот и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во иборен процес, политички и други цели и постапки.

„Членот 2 регулира дека лицата кои поседуваат материјали од незаконско следење на комуникации, должен е во рок од 20 дена од денот на влегување во сила на   законот  да ги предаде согласно закон на надлежниот јавен обвинител.

Со Предлог законот со членот 3 на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, односно семејните или личните односи, припадноста на одредени религиозни или етнички групи и политички партии, како и здравствената состојба.

Во членот 4 уредено е дека лицето кое  ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана ќе се казни со казна затвор до една година, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Но со одредбата се исклучуваат разговори или изјава која претставува јавен интерес. Исто така, ќе се казни со казна затвор од 1 месец до 1 година, тој што ќе објави прислушувани или тонски снимани разговори или делови од нив или нивни транскрипти, со кои се врши повреда на приватноста на личниот и семејниот живот.Доколку делото од го стори правно лице, ќе се казни со парична казна. Одговорното лице во правното лице ќе се казни со казна затвор од најмалку 1 месец до 1 година.

Членот 5 уредува дека при примената на законот, надлежниот суд е должен да ја почитува Европската конвенција за човековите слободи и права и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Членот 6 регулира дека одредбите од овој закон не се однесуваат на објавените материјали заклучно со 15 јули 2015 година.

Нов Закон за заштита на укажувачи

Со Предлог-законот за заштита на укажувачи се уредува заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите односно правните лица во врска со заштитено пријавување и обезбедувањето заштита на укажувачите.

„Заштитено пријавување во смисла на овој закон е пријавување со кое согласно овој закон се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес.Заштитено пријавување се врши како заштитено внатрешно пријавување, заштитено надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување, со добра намера и со разумно сомневање во вистинитостата на информациите во содржината на пријавата во времето на пријавувањето.Укажувачот не е должен да ја докажува добрата намера и вистинитоста на пријавувањето.На укажувачот му се обезбедува заштита согласно закон и му се гарантира анонимност и доверливост до степен и до момент до кои тој тоа го бара. Правото на анонимност на укажувачот може да се ограничи со судска одлука за која без одлагање се известува укажувачот“, се вели во законското образложение.

Со Предлог-законот се забранува откривање или овозможување откривање на идентитет на укажувач, освен кога тоа се бара со судска одлука, овие податоци не смеат да се откријат на лицето за кое се укажува во информацијата.Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно да ги заштити податоците за пријавувачот, односно податоците врз основа на кои може да се открие идентитетот на пријавувачот, освен ако пријавувачот се согласи на откривање на тие податоци, а во согласност со закон со кој се уредува заштитата на личните податоци. Секое лице кое ќе ги дознае податоците од ставот е должно да ги штити тие податоци. Овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно во текот на примањето на информациите да го извести пријавувачот дека неговиот идентитет може да биде откриен на надлежниот орган, ако доколку без откривање на идентитетот не би било можно да се постапува пред тие органи, како и да го извести за мерките за заштита на учесникот во кривичната постапка. Ако во текот на постапката е неопходно да се открие идентитетот на пријавувачот, овластеното лице за прием на пријави од укажувачи е должно да за тоа го извести пријавувачот, пред откривањето на идентитетот.

Со  Предлог-законот на укажувачот и на нему блиско лице им се обезбедува заштита од било каков вид на повреда на право или штетно дејствие  или опасност од настапување на штетни дејствија заради извршеното заштитено внатрешно и надворешно пријавување или заштитено јавно пријавување. Укажувачот има право на судска заштита пред надлежен суд согласно закон. Постапката ја покренува укажувачот со тужба пред надлежен суд. Во случај на спор за постоење повреда на право на укажувачот и на негово блиско лице заради пријавување, товарот на докажување е на страна на институцијата, односно правното лице кое ги повредило правата на укажувачот и на членовите на неговото семејство.

Со Предлог-законот се регулира и злоупотребата на пријавувањето на укажувачот е свесно пријавување невистинити информации за физичко или правно лице со цел предизвикување на штетни последици за истото. Со утврдување на злоупотребата од се губи заштитата злоупотребата на пријавувањето на укажувачот поради која настанале штетни последици за физичкото или правното лице е основ за поведување на постапка за утврдување на негова одговорност согласно закон.

 Анкетна комисија за скандалот со прислушкувањето

Во предложената  одлука за  основање на Анкетна комисија за скандалот со прислушкувањето, се вели дека  Анкетната комисија треба да ја утврди хронологијата на настаните и околностите во врска со надлежноста на оваа Комисија. Анкетната Комисија ќе ја дефинира политичката одговорноста поврзана со прислушкувањето и содржината на објавените материјали.  Анкетната комисија ќе изготви препораки кои ќе имаат за цел да превенираат незаконско следење на комуникациите и зголемување на транспарентноста на државните и владините институции.Анкетната комисија се состои од 16 членови, од кои: осум члена предложени од ВМРО-ДПМНЕ, четири члена предложени од СДСМ, два члена предложени од ДУИ, еден член предложен од ДПА и еден член од редот на независните пратеници.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk