/ Прочитано:

3.815

Штрајк на вработените во ЈП „Македонски железници“ поради неисплатени плати

Од Синдикатот на „МЖ – Инфраструктура“ и од Независниот синдикат на машинскиот персонал појаснуваат дека лошата состојба во „Македонски железници“ е резултат на долгогодишното лошо менаџирање, нагласувајќи дека раководството на ЈП „Македонски железници“ постојано ги прекршува одредбите од членот 105 од Законот за работните односи, којшто се однесува на исплата на плати на работниците.

2 600 вработени во два сектора во Јавното претпријатие „Македонски железници“ денеска го продолжуваат штрајкот што го започнаа во петокот. Работниците во „Македонски железници – Транспорт“ и „МЖ – Инфраструктура“ бараат да им се исплати уште една половина од декемвриската плата, како и јануарската плата, нагласувајќи дека возовите нема да сообраќаат на ниту една железничка линија во земјава сѐ додека нивните барања не бидат целосно исполнети.

Тие велат дека во текот на викендот, никој од менаџментот на претпријатието не се обидел да стапи во контакт со нив за да го решат проблемот.

Од Синдикатот на „МЖ – Инфраструктура“ и од Независниот синдикат на машинскиот персонал појаснуваат дека лошата состојба во „Македонски железници“ е резултат на долгогодишното лошо менаџирање.

„Не е можно постојано да се соочуваме со истиот проблем, постојано да нема пари за исплата на плати кога од Министерството за транспорт и врски нѐ убедуваат дека парите се префрлени. Раководството на ЈП „Македонски железници“ постојано ги прекршува одредбите од членот 105 од Законот за работните односи според кој:

(1) Работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување.

(2) Плаќањето на работата по договорот за вработување мора да биде секогаш во парична форма. При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот.

(3) Платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено.

Токму затоа сметаме дека само поради лошото управување со претпријатието сме доведени во ваква состојба. Возовите и денеска нема да сообраќаат, иако добивме некои најави дека ќе имаме средба со раководството“, потврдуваат од двата синдиката.

Истовремено, Министерството за транспорт и врски потенцира дека за 2017 година од буџетот на Република Македонија се издвоени 380 милиони денари за Јавното претпријатие „Македонски железници“ и дека ресорното министерство во рамки на своите законски можности ќе стори сѐ за да се реши оваа состојба во претпријатието.

А. Б.