/ Прочитано:

1.449

Швајцарија и ЕУ потпишаа договор за сузбивање на затајување данок

Среда, 27 мај 2015 – Швајцарија и Европската Унија денеска во Брисел потпишаа Договор за размена на податоци за сопственици на банкарски сметки со цел сузбивање на затајување данок. Договорот го потпишаа комесарот за финансиски и даночни прашања, Пјер Московиси, и швајцарскиот државен секретар за меѓународни финансии, Жак де Ватевил.

Московиси порача дека со договорот, кој стапува во сила во 2018 година, ќе биде оневозможено граѓаните на ЕУ да кријат непријавен приход во Швајцарија и со тоа да избегнуваат плаќање даноци. Според Московиси, договорот ќе помогне за создавање пофер оданочување во земјите-членки на ЕУ.

Московиси нагласи дека очекува наскоро да бидат потпишани слични договори и со други земји наречени – даночен рај, како што се Андора, Лихтенштајн, Монако и Сан Марино.

Како што соопшти Европската комисија, со спогодбата ЕУ и швајцарските власти ќе разменуваат информации за банкарските сметки што ги имаат нивните државјани во банките во Швајцарија, сега означена како една од рајските места за чување тајни сметки и сокриени пари.

Во соопштението од Брисел се вели дека Европската комисија е цврсто решена да се прекине со практиката за криење на приходите на даночните обврзници од земјите во ЕУ во странство и во тамошни банки.

Новосоздадената транспарентност не само што ќе им овозможи на членките на Унијата да може многу поенергично и поуспешно да се борат со даночните измами и со избегнувањето да се плаќа данок, туку спогодбата со Швајцарија ќе помогне да се запре и криењето на остварените приходи и на парите (и расположливиот имот) во странство за да не се плаќа данок во матичните земји.

Минатата година сите земји од Унијата постигнаа договор за транспарентност во банкарството, што се смета како предуслов за сегашната спогодба со Швајцарија.