/ Прочитано:

4.368

Синдикатот на УПОЗ оствари работна средба со министерот за правда

Претставници на Синдикатот на УПОЗ во Министерството за правда остварија средба со новиот министер за правда, Билен Саљији.

На денешната средба се разговараше за потребата од измени на Законот за судска служба, решавање на недостигот на кадар во јавните обвинителства и прашањето за бенефициран стаж на вработените во казнено-поправните установи.

Ова се прашањата, вели претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски, што денеска  Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) ги покрена на првата средба со новиот министер за правда.

„Од министерот за правда добивме ветување за унапредување на соработката и дека како социјални партнери ќе соработуваме при носењето на законите коишто се во интерес на вработените од правосудството“, истакнува Грујовски.

„Побаравме од министерот да се заложи за враќање на украдените пари за време на штрајкот на вработените во судската служба, односно казната што ја доживеаја од страна на претседателот на Судскиот совет, бидејќи незаконски им беа одземени. Побаравме и реализација на решенијата што ги добија вработените во судската служба од 10 проценти за април кои им беа ветени од страна на Судскиот совет, а не беа реализирани“, нагласува претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски.

Минатата година, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) преку штрајк бараше остварување на нивните барања и почитување на нивниот статус и достоинство. Европската федерација на синдикатите од јавниот сектор, најголемиот сојуз на работниците од јавниот сектор во Европа, ја искажува својата поддршка за борбата на работниците од судската администрација на Македонија за пристојна плата и работни услови.

М.В