/ Прочитано:

1.182

СЈО ги анализира материјалите земени при претресите во канцелариите на Кривичниот суд и во домовите на осомничените лица

СЈО ги анализира материјалите земени при вчерашните претреси во канцелариите и домовите на лицата кои се сомничат за оддавање службена тајна, изјави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, додавајќи дека со асистенција на МВР синоќа е извршен претрес на домовите на три лица за кои имале наредби, како и личен претрес на Панчевски.

„Вчера вечерта се прибраа нашите екипи и полицијата во врска со претресите. Синоќа и денеска се составуваат записници и сè што е земено ќе биде доставено до Обвинителството. Мислам дека тоа што го баравме и најдовме во домовите го зедовме. Дали е тоа сè што е потребно, не можам да кажам“, вели Јанева.

Во врска со прашањето дали земените податоци откај поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски покажуваат дека биле изнесувани информации за претседателот Ѓорге Иванов пред неговата одлука за аболиција, Јанева рече дека не може да коментира зашто уште се анализираат.

„Не можам ништо да потврдам бидејќи во овој момент податоците што се одземени уште се анализираат. Откако ќе биде анализирано во интерес на нашите постапки, ќе бидете известени. Ги видов написите на социјалните мрежи, тоа воопшто не можам да го потврдам, тоа се само шпекулации и претпоставки“, вели Јанева.

Вчера Специјалното јавно обвинителство во рамки на една од своите предистражни постапки вршеше претреси во Основниот суд Скопје 1. Од СЈО потврдија дека претреси се вршат во канцелариите на судијата Владимир Панчевски, поранешен претседател на Кривичниот суд и кај уште двајца вработени во судот. Покрај во канцелариите, претреси се вршеа и во домовите на осомничените.

На прашањето дали СЈО се сомнева дека се местеле предмети преку АКМИС-системот, Јанева одговори:

„Апсолутно да, се сомневаме и дека се издавале податоци за други лица во јавноста или на други заинтересирани странки, службени податоци од АКМИС-системот поврзани со нашите случаи“, истакна Јанева.

Вчера и комисијата при Министерството за правда вршеше ревизија на автоматизираниот информациски систем за управување со судските предмети (АКМИС) во скопскиот Кривичен суд. На чело на комисијата е судијата и професор Лазар Нанев.

„Од министерот за правда беше донесено решение за формирање на комисија врз основа на забелешките коишто беа доставени од Рајнхард Прибе. Работната група започна со работа и има обврска да констатира одредени состојби. Ќе продолжиме со работа, а за тоа што ќе го констатираме ќе биде времено известена јавноста од страна на Министерството за правда, бидејќи станува збор за постапување во согласност со судскиот деловник. Што ќе се случи понатаму, ќе одлучи Министерството, бидејќи тоа врши надзор и контрола на функционалноста и одржливоста на ИТ-технологијата во судовите“, истакнува Нанев.

Во извештајот на експертската група на Рајнхард Прибе беше констатирано дека постојат индиции за злоупотреба на АКМИС-системот, кој како систем ги автоматизира и следи предметите од иницијалното отвoрање на предметот преку негово доделување, било да е кривичен, прекршочен, граѓански и др.

M.В