/ Прочитано:

1.541

СЈО и во наредниот период ќе отвора истраги за други прислушувани разговори што имаат криминални материјали, вели Катица Јанева

„Повеќето од истрагите што се веќе спроведени од СЈО очекувам да завршат со обвиненија и за тие лица тоа е мошне важно прашање. За некои ќе има запирање на истрагата и отфрлање на обвиненијата, за некои ќе се поднесе обвинителен акт, но во секој случај, наредната седмица ќе бидат донесени јавни обвинителни одлуки“, истакна денеска специјалната обвинителка Катица Јанева, која ќе има свое предавање на Охридската школа за природно право.

Јанева е уверена дека Судот ќе обрне доволно внимание на доказите на СЈО и основите врз кои тие ги поднесуваат обвиненијата. Очекувам, истакна Јанева, дека Судот ќе ги поддржи и потврди обвиненијата, со цел тие да најдат судска разрешница. Местото каде што треба да се вкрстат нашите аргументи со оние на одбраната е судницата.

За обвинителните акти чие објавување е најавено пред истекот на рокот на СЈО на крајот од овој месец, Јанева појасни дека со нив се опфатени граѓани на Република Македонија, меѓу кои има и високи функционери и други лица, добро познати на јавноста од 2008 до 2015 година.

Јанева појасни дека мандатот на СЈО е четири години со право на продолжување една година за обвинителите, најавувајќи дека ќе продолжи нивната работа за обработка на сите доставени разговори од незаконското прислушување.

„Што се однесува до рокот за поднесување на обвиненија, тоа е дискутабилно, се разговара на таа тема, се надевам дека ќе биде изнајдено решение во најбрз можен рок, а очекувајте дека и во наредниот период ќе отвoраме истраги за други прислушувани разговори што имаат криминални материјали“, рече Јанева.

За тоа колку од доставените материјали се обработени, таа појасни дека само 12 проценти од нив се напишани, некаде околу 45 отсто вкупно преслушани, додека преостанатиот дел од нив воопшто не се обработувани.

„Мора да разберете дека тука има прислушувани разговори на многу новинари, разговори на повеќе јазици, тоа е дел што воопшто не е започнат да се работи, на нив ќе се работи по 15 септември“, рече Јанева.

Професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, смета дека исходот од 20-ината обвинителни акти што ќе ги поднесе во рамки на својот мандат СЈО е доволно да се види дали во Република Македонија владее принципот на казнивост на сите. „Со нив СЈО дава знак дека криминалот не смее да остане неказнет. По истекот на рокот, СЈО ќе продолжи да ги истражува криминалните дејства содржани во прислушуваните разговори, да формира документација, а потоа дали преку продолжен мандат или преку редовното судство ќе следуваат нови обвинителни акти“, смета Шкариќ.

М.В