/ Прочитано:

1.412

СЈО ја презакажа седницата – за тимот на Јанева ќе се одлучува утре

Вторник, 20 октомври 2015 – Седницата на Советот за јавни обвинители (СЈО) на која требаше да се разгледува дописот за останатите седум обвинители предложени од специјалната обвинителка Катица Јанева, е одложена за утре во 10 часот. 

Имено, специјалната обвинителка Катица Јанева откако го добила писмото од претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски, доставила допис до Советот да закаже нова седница на која ќе ги избере преостанатите седум обвинители кои таа претходно ги предложи бидат во нејзиниот тим.  

Копјата се кршат околу обвинителите Ленче Ристоска, Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Дарко Јакимовски, Снежана Бундалевска, Гаврил Бубевски и Лиле Стефанова, од кои за дел, според Советот, постои  и судир на интереси. 

Според Аневски, досега одобрените кандидати,  Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатим Фетаи, се доволни за Специјалното јавно обвинителство да може да работи. Според Јанева, пак, одлуката на Советот да го преполови нејзиниот тим е спротивна на Законот за Специјалното обвинителство. 

Првиот човек на Советот на јавни обвинители вчера истакна дека одредени обвинителства се пред колапс поради недостаток на јавно обвинителски кадар, дека обвинителите се хронично изморени и дека има потреба за измена на Законот за јавно обвинителство и на Законот за академијата за судии и јавни обвинители за надополнување на 50 места во обвинителствата.

„Излез од оваа ситуација е менување на Законот за јавни обвинители и на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители за да можеме да избереме јавни обвинители и да ги пополниме овие испразнети места пред се’ во основните јавни обвинителства. Но, и вишите обвинителства и републичкото обвинителство се судиираат со големи тешкотии. Така на пример на Вишото јавно обвинителство во Штип му недостигаат три јавни обвинители, од Републичкото јавно обвинителство имаме исто така допис за три места итн. По редот на нештата треба од основните јавни обвинителства да одат во повисоките јавни обвинителства. Ова не можеме да го направиме и сме во една многу незавидна и тешка положба. Не е ова никаква политика, ниту терање инает да одобриме уште седум јавни обвинители. Ќе се одобрат кога ќе се створат услови. Меѓутоа ова е мој став,  ако имаме седница ќе се гласа и можеби ќе се одобрат“, рече Аневски.

По ова следуваа рекации во дел од медиумите, наводно од членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, кои го оценуваат барањето на Советот да се врати стариот систем на избор на јавни обвинители надвор од Академијата е „обид да се отвори вратата низ која до неодамна се партизираше судството и обвинителството“.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, преку соопштение до јавноста го демантираше ова истакнувајќи дека Академијата успешно соработува со целата јавнообвинителска организација и дека кандидатите на почетната обука на Академијата биле успешно вклопени во јавно обвинителската организација,  а и за новата 6 – та генерација на кандидати, Советот на јавните обвинители донел одлука дека потребниот број на кандидати за 6 – та генерација на почетна обука, за обвинители, е вкупно 60,  што претставува рекордна бројка.

>> ПОМОШНИЦИТЕ НА ЈАНЕВА НЕ ДАДОA ЗАКЛЕТВА: Советот повторно ќе одлучува за тимот на специјалната обвинителка