/ Прочитано:

1.339

СЈО: Јанева нема обврска да го образложи Извештајот пред Советот на јавни обвинители и пред Собранието

„Доколку Советот или Собранието имаат дополнителни прашања во врска со Извештајот, слободно може да ни се обратат и да побараат дополнително објаснување“, велат од СЈО.

katica janeva vtora

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не присуствува на седницата на Советот на јавни обвинители која е во тек, а на која ќе се разгледува Извештајот за шестмесечната работа на Специјалното јавно обвинителство.

Како што потврдуваат од СЈО, иако е поканета, Јанева нема никаква законска обврска да присуствува на седницата ниту да дава образложение на Извештајот.

„Во Законот е наведено дека специјалната јавна обвинителка поднесува извештај, но не и дека има обврска да го образложи. Сѐ што е сработено, веќе е наведено во Извештајот. Дополнително, со присуството на Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, кој исто така е поканет на седницата, се нарушува принципот на автономија и независност на Специјалното јавно обвинителство, кој е гарантиран во Законот каде што е наведено дека ниту еден јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, вклучувајќи го и Јавниот обвинител на Република Македонија, не може да влијае врз неговата работа или да бара извештаи поврзани со предмети од јавниот обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното обвинителство“, велат од СЈО.

Катица Јанева била поканета и од Собранието на Република Македонија да го претстави Извештајот, кој е ставен на дневен ред на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, која ќе се одржи во понеделник, и на пленарна седница на крајот од месецот.

Од СЈО велат дека досега не постои практика јавните обвинители да образложуваат извештаи за својата работа пред пратениците и дека тие не сакаат да го заобиколат Законот, туку само сакаат и за нив да важи практиката што важела досега.

„Доколку Советот или Собранието имаат дополнителни прашања во врска со Извештајот, слободно може да ни се обратат и да побараат дополнително објаснување“, велат од СЈО.

Јанева во вторникот информираше дека за шест месеци се отворени 30 истражни постапки, во кои се опфатени 80 лица, и дека се отворени 120 предистражни постапки за поголем број на кривични дела.

М.С.