/ Прочитано:

2.149

СЈО: Новите простории на Обвинителството ќе бидат според сите технички и безбедносни стандарди

Во новите простории специјалните јавни обвинители треба да започнат со работа од 1 септември, а целосното пренесување на материјалите треба да заврши до почетокот на идната недела, велат од СЈО.

Прес Специјално јавно обвинителство предмет „Тортура“

Од просториите на ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“, во центарот на Скопје, Специјалното јавно обвинителство, по речиси една година од формирањето, ќе се пресели во нови простории.

Како што информираат од СЈО, старата зграда која порано ја користеше Агенцијата за млади и спорт сега ќе биде седиште на Специјалното јавно обвинителство. Реновирани и приспособени за работата на СЈО, новите простории ќе ги задоволуваат сите стандарди, технички и безбедносни.

„Министерството за правда ја спроведе постапката за избор на простории каде што требаше да биде сместено ова јавно обвинителство бидејќи во согласност со Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, токму Министерството за правда имаше таква обврска, по што ги отстапи просториите на користење на ова јавно обвинителство. Со цел задоволување на сите потребни стандарди за безбедност, беа направени соодветни адаптации на објектот во насока на задоволување на сите безбедносни стандарди, како за чување на материјалите со кои располага ова јавно обвинителство така и за заштита на лицата кои се сослушуваат“, велат од СЈО.

Нова зграда на СЈО

Во новите простории специјалните јавни обвинители треба да започнат со работа од 1 септември, а целосното пренесување на материјалите треба да заврши до почетокот на идната недела, велат од СЈО.

Старото седиште на СЈО стана препознатливо како зборно место за демонстрантите од Шарената револуција кои, по помилувањата што ги донесе претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, повеќе од два месеци секој ден се собираа пред Специјалното јавно обвинителство со цел да изразат поддршка за неговата работа.

На 15 септември, Специјалното јавно обвинителство треба да го објави извештајот за едногодишната работа. Ова ќе биде втор извештај на СЈО кое, според Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, треба да изготвува извештај за работењето на секои шест месеци и да го достави до Советот на јави обвинители и до Собранието.

М. С.