/ Прочитано:

1.217

СЈО поднесе жалба до Врховниот суд за градоначалникот Талески

Како што информираат од СЈО, во жалбата укажале на суштествени повреди на Законот за кривичната постапка, односно на тоа дека при донесување на одлуката со која е одбиен предлогот на СЈО во однос на мерката притвор учествувал судија кој морало да се изземе бидејќи веќе еднаш одлучувал во истиот предмет.

Нова зграда на СЈО

Специјалното јавно обвинителство поднесе жалба до Врховниот суд во однос на решението на Апелациониот суд во Скопје со кое е одбиен предлогот на СЈО за продолжување на притворот за градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, осомничен во случајот „Транспортер“.

Како што информираат од СЈО, во жалбата укажале на суштествени повреди на Законот за кривичната постапка, односно на тоа дека при донесување на одлуката со која е одбиен предлогот на СЈО во однос на мерката притвор учествувал судија кој морало да се изземе бидејќи веќе еднаш одлучувал во истиот предмет.

„Конкретно, како што е уредено со Законот, а со цел да се обезбеди непристрасност на судијата, ист судија не смее да одлучува доколку веќе одлучувал во донесување на одлука во понискиот суд или учествувал во донесување на одлука која се побива со жалбата (чл. 33 ст. 1 т. 5 од ЗКП). Имено, конкретниот судија веќе имал оформено сопствено мислење во однос на притворот за осомничениот, што несомнено укажува на негова пристрасност“, велат од СЈО.

Во однос на решението на Апелациониот суд Скопје со кое е укинат притворот за Талески и е заменет со мерка на претпазливост, СЈО нема право на жалба, велат оттаму.

Апелациониот суд му ја преиначи мерката куќен притвор на Талески во мерка на претпазливост – обврска да се јавува секој работен понеделник и секој работен петок кај овластено службено лице во Основниот суд во Битола.

Во предметот „Транспортер“ како осомничени се јавуваат градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, и уште 22 лица кои се товарат дека го оштетиле буџетот на Општината за 360 илјади евра преку незаконско организирање на училишниот превоз.