/ Прочитано:

2.828

СЈО: Покренати се 17 обвиненија против 94 физички и 7 правни лица

Сите материјали од предметите за кои се подигнати обвиненија, како што нагласи специјалната обвинителка Катица Јанева, денеска и утре ќе бидат однесени во судот, кој, како што рече, треба да покрене итни постапки, бидејќи за нив има многу мерки за претпазливост и притвори. Со денешните 17, СЈО досега покренало вкупно 20 обвиненија, а два случаја сè уште не се завршени. Јанева рече дека досега се преслушани 45 проценти од снимените материјали, но како што рече, сите сè уште не се детално анализирани. Остануваат уште 55 проценти од прислушуваните разговори, кои ќе бидат предмет на работа на СЈО за да се открие дали има индиции за криминал.

Специјалното јавно обвинителство денеска на прес-конференција соопшти дека од почетокот на својата работа досега подигна 17 обвиненија за 18 предмети против вкупно 94 физички и седум правни лица. Се бара мерка притвор за 18 лица и мерка претпазливост за 47 лица. 

Сите материјали од предметите за кои се подигнати обвиненија, нагласи специјалната обвинителка Катица Јанева, денеска и утре ќе бидат однесени во судот, кој, како што рече, треба да покрене итни постапки, бидејќи за нив има многу мерки за претпазливост и притвори.

Со денешните 17, СЈО досега покренало вкупно 20 обвиненија, а два случаја сè уште не се завршени. 

Јанева рече дека досега се преслушани 45 проценти од снимените материјали, но како што рече, сите сè уште не се детално анализирани. Остануваат уште 55 проценти од прислушуваните разговори, кои ќе бидат предмет на работа на СЈО за да се открие дали има индиции за криминал.

Таа потенцираше дека се обезбедени цврсти докази за сериозни злоупотреби на институционалните капацитети од страна на поединци и организирани групи, за злоупотреби на службената положба и овластување и за кршење на законските постапки при јавните набавки. Истовремено,  изрази уверување дека пред судовите ќе докажат дека сите осомничени од СЈО се одговорни за делата.

„И покрај неопходноста од постоење на соодветен временски период за истражување и преземање на потребните дејствија за докажување на ваков вид кривични дела, резултатите од 10-месечната работа се рефлектирани пред вас, а се состојат во прибавување на навистина обемна документација и доказен материјал, опсежни и сеопфатни материјални докази, употреба на меѓународната правна помош во предметите, како и обезбедување на неопходните вештачења. Сето погоре наведено несомнено укажува на оправданоста на обвиненијата зад чие докажување ние цврсто ќе застанеме пред судот“, рече Јанева.

За случајот „Талир“ за незаконско финансирање на една политичка партија, Јанева истакна дека нема обвинение, но оти истрагата ќе продолжи. Посочи дека временските рокови не биле доволни за СЈО да ја заврши истрагата за овој случај.

„За предметот ’ТАЛИР‘ истражната постапка беше отворена пред нешто повеќе од 1 месец. Во рамки на предистражната и истражната постапка, како што веќе детално ја информиравме јавноста, беа преземени огромен број дејствија во поткрепа на основаното сомнение за сторени кривични дела. Сепак, временските рокови кои ни беа ставени на располагање не дозволија преземање истражни дејствија како резултат на кои истражната постапка би можела да се заврши. Покрај тоа, сериозноста, обемноста и сложеноста на предметот кој се истражува, како и незаконските дејствија за кои постои основано сомневање дека се сторени, сѐ уште постојат и упатуваат на потребата од натамошно спроведување на истрагата, за која по преземање на сите неопходни дејствија ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде информирана“, истакна Јанева.

Обвинение не е поднесено ниту за предметот „Табла“, а два предмета „Таргет“ и Тврдина“ се споени во еден. За предметот „Табла“, специјалната обвинителка рече дека не е завршен и оти кога ќе биде завршена предистражната и истражната постапка, ќе биде соопштена одлуката на СЈО. Случајот, рече, ќе биде проширен и ќе има обвиненија и за високи функционери.

Одговарајќи на новинарско прашање дали со обвиненијата се бара мерка притвор и за лидер на политичка партија, Јанева одговори потврдно.

Мандатот на СЈО, рече Јанева, е пет години и ние ќе отвораме истражни и предистражни постапки, а што ќе се случува потоа со нив, ќе се договараме со институциите, во случај да не се направат измени на Законот за СЈО и ако не се продолжи рокот за покренување нови обвиненија кој истекува утре. 

Сите досегашни случаи на СЈО започнуваа на буквата „Т“. Досега е поведена истрага за случаите: „Титаник“ , „Таргет“, „Тврдина“, ,„Тенк“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Трезор“, „Тортура“, „Тендери“, „Тарифа“, „Труст“, „Табла“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Топлик“, „Тревник“, „Талир“, „Транспортер“ и за настаните пред Општина Центар.

А. Б.