/ Прочитано:

1.435

Склучување договори надвор од деловните простории на трговецот и договори на далечина – нови законски измени за заштита на потрошувачите

Среда, 11 март 2015 – Се подготвуваат нови измени на Законот за заштита на потрошувачите заради транспонирање на Директивата на Европската Унија за правата на потрошувачите, а во функција на заштита на потрошувачите при склучување договори надвор од деловните простории на трговецот.

Од Министерството за економија велат дека целта на законските измени е да се обезбеди заштита на потрошувачите особено при склучување договори надвор од деловните простории на трговецот.

Според Министерството, јакнењето на довербата на потрошувачите ќе влијае на зголемување на трговијата и на економскиот раст, а со ваквото решение на потрошувачите им се обезбедува да имаат исти права без оглед на тоа каде го купиле производот или услугата, а јасните правила ќе ги поттикнат трговците да го прошират своето работење преку националните граници.

„Исто така, ќе се обезбеди и заштита на потрошувачите особено при  купување онлајн “, посочуваат од Министерството.

Во законското решение кое е во нацрт-фаза се предвидуваат одредби за договорите склучени надвор  од деловните  простории на трговецот  и за договорите склучени на далечина. Се додава нов дел „Склучување договори надвор од деловните простории на трговецот и договорите склучени на далечина“.

Во посочениот дел се предвидуваат одредби за преддоговорните информации, за начинот на известување на потрошувачите за правото на еднострано раскинување на договорот, за формалните претпоставки при склучување договори надвор од деловните простории на трговецот, за формалните претпоставки при склучување договори на далечина, за правото на еднострано раскинување на договорот, за неисполнувањето на обврски за известување за правото на еднострано  раскинување  на договорот, за начинот на користење на правата на еднострано  раскинување  на договорот, за дејствието на еднострано раскинување  на договорот, за обврските на трговецот во случај на еднострано  раскинување  на договорот, за обврските на потрошувачот во случај на еднострано раскинување на договорот, за влијанието на едностраното раскинување на  договорот на поврзани договори и за исклучувањето на правото на еднострано  раскинување на договорот.

>>>СКЛУЧУВАЊЕ НА ДОГОВОРИ НАДВОР ОД ДЕЛОВНИТЕ ПРОСТОРИИ НА ТРГОВЕЦОТ И ДОГОВОРИ НА ДАЛЕЧИНА

M.В