/ Прочитано:

1.015

СКМ: Да зајакне капиталната база на МБПР и да се прошири асортиманот на финансиски услуги

Понеделник, 21 септември 2015 – Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) во следните пет години да ја зголеми капиталната база од постоечките 20 милиони евра на 60 милиони, да ја прошири палетата на услуги и да посвети внимание на кадровско зајакнување, бара Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Како што соопшти извршната директорка Јелисавета Георгиева, овие и уште неколку предлози кои компаниите ги подготвуваа подолго време, а чија реализација е предвидена на среден рок, денеска ќе бидат доставени до Владата.

„Ја охрабруваме Владата од идната година да почне со значајна буџетска подршка за континуирано докапитализирање на Банката. Цениме дека МБПР може и треба да има поголем обем на финансиски услуги за крајните корисници со единствена цел – поддршка на домашните компании и на извозот“, истакна Георгиевска на прес-конференција.

Според неа, докапитализацијата на МБПР е приоритетно прашање на кое во изминатиот период Комората постојано инсистираше но, во Националната програма на економски реформи за 2015 година тоа не е предвидено.

„Стопанската комора на Македонија оценува дека постојниот капитал на МБПР е мал и недоволен за да може да одговори на успешно извршување на поставените законски обврски, како и на идните обврски што ги планира Владата и што ги очекува стопанството од неа: кредитирање инфраструктурни проекти, проекти за рамномерен регионален развој, споделување на ризикот кај кредитирање на поголемите проекти, гаранции за учество на покрупни меѓународни тендери, за добро извршување на работите, за поврат на аванс и за отстранување недостатоци во гарантен рок, поголемо вклучување во делот на кредитното осигурување и кај извозните побарувања од комерцијални и политички ризици“, посочи Георгиевска.

Покрај докапитализацијата со средства од Буџетот, Комората смета дека во надлежност на МБПР како финансиска институција треба да се предвидат и одредени облици на државната помош (субвенции) пред се за инфарструктурни проекти на локално ниво, отпишување или преземање долгови, изземање, намалување или одлагање на плаќање на јавни давачки, како и продолжување проекти за доделување кредити под поволни услови.

За реализирање на ваквите барања, Стопанската комора, најави извршната директорка, ќе достави и иницијативи за измени на соодветните законски решенија.

На прес-конференцијата Георгиевска истакна дека Комората има одлична соработка со Македонската банка за поддршка на развојот и дека МБПР одиграла и се уште игра клучна улога во поддршката на македонското стопанство, но потребата од повеќе средства за економијата, рече, е неминовна и како пример ја посочи Хрватска, чија Развојна банка располага со 1,4 милијарди евра.

„Посебно треба да се подвлече улогата на Банката во успешната реализацијата на проектот на Владата за кредитот од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во сите досегашни четири фази. Од ЕИБ 4 деновиве треба да се пушти нова транша од 6,8 милиони евра за реализација на 60 проекти и можност за отворање 100 работни места, а до крајот на годината на домашните компании им стојат на располагање уште 30 милиони евра“, напомена Герогиевска, додавајќи дека од државниот буџет годишно се обезбедуваат околу 200-350 илјади евра за субвенционирање на каматата.

Според СКМ, Банката континуирано го развива делот на кредитното осигурување и прва започнала со примена на факторингот како нова финансиска услуга. Во текот на 2014 година има потпишано полиси за осигурување на извозни побарувања од комерцијални ризици на краток рок со 49 осигуреници, а со 10 осигуреници потпишала полиса за осигурување на домашни побарувања од комерцијални ризици.

Во 2014 година, МБПР осигурала извоз (околу 37-38 милиони евра) што претставува зголемување во однос на 2013 година од 34% и наплатила премија што претставува пораст од 3,6%, а осигурала домашни побарувања од краткорочни комерцијални ризици за 7% помалку во споредба со 2013 година и наплатила премија што претставува намалување од 5,5% во однос на 2013 година.  Банката преку факторингот во текот на 2014 година поддржала извоз на 9 македонски  извозници, со што го поддржала извозот на македонски производи и услуги кон 12 купувачи кои се лоцирани во 6 земји од регионот и ЕУ.

Одговорајќи на новинарски прашања, Георгиевска укажа и дека дел од услугите што ги обезбедува МБПР не се искористени од страна на компаниите.

ПРЕДЛОЗИ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА:

1. Владата на Република Македонија, почнувајќи од 2016 година да отпочне со значајна буџетска поддршка за континуирано докапитализирање на Банката.

2. Банката може и треба да има поголем обем на финансиски услуги за крајните корисници во однос на исти вакви банки во регионот. Оценка е дека постојниот капитал на МБПР е мал и недоволен за да може да одговори на успешно извршување на поставените законски обврски, како и на идните обврски што ги планира Владата и што ги очекува стопанството од неа, а пред се` во делот на:

  • кредитирање на инфраструктурни проекти, проекти за рамномерен регионален развој;
  • споделување на ризикот кај кредитирање на поголемите проекти;
  • гаранциско работење во делот на издавање гаранции за учество на покрупни меѓународни тендери;
  • гаранции за добро извршување на работите;
  • гаранции за поврат на аванс;
  • гаранции за отстранување на недостатоци во гарантен рок и слично;
  • поголемо вклучување во делот на кредитното осигурување – Домашни побарувања (пред и по испорака) и
  •  кај Извозните побарувања (пред и по испорака) од комерцијални и политички ризици.

3. Покрај докапитализацијата на Банката со средства од Буџетот, во нејзина надлежност како финансиска институција треба да се предвидат и:

  • реализацијата на одредени облици на државна помош / субвенции;
  • отпишување или преземање долгови;
  • изземање, намалување или одлагање на плаќање на јавни давачки;
  • продолжување на проекти за доделување кредити под поволни услови.

За таа цел, Комората ќе покрене иницијатива за изменување и дополнување на Законот за МБПР, со цел во нејзина надлежност да се предвиди и одобрувањето средства кои имаат третман на државна помош, согласно со интересот на државата за поддршка на одредени сектори од страна на Банката, како и  разгледување на развојни програми и одобрување средства за регионален развој, што подразбира и измена на Законот за контрола на државната помош („Службен весник на РМ“ бр.145/2010) и Законот за рамномерен регионален развој („Службен весник на РМ“ бр. 63/2007; 187/2013 и 43/2014).

4. Паралелно со докапитализацијата, како клучна потреба за поквалитетно и поефикасно извршување на планираните идни финансиски услуги, Банката треба да посвети внимание на континуирано кадровско и стручно зајакнување на вработените, што неминовно ќе го бараат новите процеси кои би се случиле со зајакнувањето на Банката.