/ Прочитано:

1.340

Скопскиот Апелационен суд ја потврди првостепената пресуда за случајот „Ариел“

Четврток, 13 февруари 2014 – Апелациониот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда за случајот „Ариел“, со која 23 осомничени добија од условни до казни затвор од по 6 и пол години за злосторничко здружување, перење пари и за злоупотреба на службената положба, пренесе Вест.

Претходно, обвинетите и нивните бранители ја обжалија одлуката на кривичните судии, но повисокиот суд, според доказите, исказите на обвинетите и на сведоците, оценил дека висината на казните е во согласност со законот и со вината на осудените лица. Со првостепената потврдена пресуда, двајца од обвинетите добија највисоки 6 и полгодишни казни затвор, осуммина се осудени на затвор од 5 години, еден на 4 и пол и тројца на 4 години и три месеци затвор. Останатите добија условни пресуди и казни затвор до 1 и пол година.

Полициската акцијата “Ариел” беше спроведена во септември, пред четири години, под сомнение дека организаторите и соизвршителите, од кои 9-мина се во бегство, се занимавале со економски криминал. По акцијата, тие завршија во притвор.

Дел од осудените тврдеа дека не го разбрале обвинението и не знаат зошто се виновни, дел не сакаа да зборуваат и одлучија да се бранат со молчење, а некои во своите искази рекоа дека ќе си ја олеснат душата, ќе кажат што сториле и му се заблагодарија на Судот што им суди. Раскажаа и дека местото каде што членовите на криминалната група ги договарале нелегалните зделки околу фиктивните фирми и фактури го викале “Александар палас”.

Обвинителството тврди дека групата се здружила во јануари 2007 година, кога започнала да основа трговски друштва, да отвора фирми и да составува измислени фактури, со што за период од три години ја оштетила државата за околу два милиона евра.

Со потврдата од Апелациониот суд, пресудата против обвинетите е правосилна.