/ Прочитано:

962

СЛАВОЈ ЖИЖЕК со поддршка за студентите: „Вашето образование беше бесплатно, зошто да не биде и нашето?“

Славој Жижек, словенечкиот и светски познат филозоф даде поддршка на студентските протести. Жижек ги поддржува македонските студенти во борбата против воведувањето на државниот испит во високото образование, објавија „Студентски пленум“ и МОФ. Покрај Жижек, студентите имаат поддршка од реномираните професори Среќко Хорват, Тарик Али, Мајкл Харт, Антонио Негри и Игор Штикс, како и од Жак Рансиер, еден од најпознатите современи светски и француски филозофи, Гал Кирн од Хумболт Универзитетот во Берлин, Марк Ленс, професор на Универзитетот Џорџтаун, Тод Мај, професор на Клемсон Универзитетот во Вашингтон, Симон Крчли, Ентони Пол Смит и Светлана Слапшак.

Писмото упатено до „Студентски Пленум“, ви го пренесуваме во целост:

„Вашето образование беше бесплатно, зошто зошто да не биде и нашето?“ Ова беше еден од главните слогани од студентските окупации во Хрватска во 2009 година. Спротивставувајќи се на неолибералните мерки и постепената приватизација на образованието, 20 хрватски универзитети во осум градови беа окупирани во 2009-та.

Дури и пред движењето Окупација на Волт Стрит, хрватските студенти се организираа во „пленуми“ – генерални собранија кои практикуваат хоризонтална демократија – и колективно ги управуваа универзитетските простори кои ги окупираа. Оттогаш, речиси сите држави од посткомунистичкиот Балан се соочија со слични студентски протести.

Во меѓувреме, нови закони и реформи беа наметнати во некои други посткомунистички држави за потоа да следат нови протести и нови окупации. Неодамнешната окупација на Филозофскиот факултет во Белград заврши откако речиси два месеци студентските барања беа речиси исполнети.

Тековните протести на студентите и професорите во Македонија се спротивставуваат на новите закони чија намера е да ја елиминираат автономијата на универзитетите со наметнување дополнителни контролни испити кои ќе ги спроведуваат не универзитетите, туку владините агенции.Ова не е само нова демонстрација на неолиберална авторитарност, но може и да биде последниот клинец во ковчегот на бесплатното и достапно образование.

Од тековните напади врз високото образование (особено во Источна Европа), кои вклучуваат и одлука на универзитет да го затвори Одделот за филозофија (универзитетот Мидлсекс во Лондон, 2010), до последната епизода во Македонија, она на што сме сведоци денеска е дека образованието е во опасност.

Кога во 1813, Данска повеќе не можела да се носи со трошоците на војната а државата банкротирала, данскиот принц Кристијан Осми, кога го советувале да ги крати трошоците за образование, одлучил да го направи токму спротивното и рекол: „Ако не сме доволно паметни, можеме да заборавиме на идејата дека ќе опстанеме како држава“.

Истото треба да се каже и денеска: ако не се спротивставиме на приватизацијата на образованието и на државната контрола на универзитетите, можеме да заборавиме на идејата дека ќе опстанеме воопшто. Едноставно и јасно, образованието мора да биде бесплатно, достапно за сите и автономно!“