/ Прочитано:

1.157

Слободното движење на работниците – основа на ЕУ, но и право што најмалку се почитува

Вторник, 28 јули 2015 – Денеска во Скопје се одржа завршна конференција за твининг-проектот за јакнење на капацитетите на македонските државни институции за ефективна имплементација на законодавството на ЕУ во областа на слободата на движење на работниците.

„Слободното движење на лицата е основа на европскиот внатрешен пазар и на ЕУ. ­Со тоа им се овозможува на работниците од една држава­-членка да ги добиваат истите бенефиции во доменот на социјалното осигурување, како и работниците од државата­-членка каде што работат тие. Сите тие имаат право да уживаат во бенефиции во случај на боледување, старосна пензија, како и бенефиции во случај на невработеност. 400 милиони жители кои живеат во други држави­-членки на ЕУ имаат право да се движат слободно, да живеат, да студираат. Токму тоа е правото што најмалку го почитуваат лицата во ЕУ“, рече евроамбасадорот Аиво Орав.

­ „Тука го вклучувам правото лицата да не бидат дискриминирани во однос на условите за работа“, додаде тој.

Заменик­-министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, потсети дека Република Македонија досега има склучено договори за социјално осигурување со 22 држави, од кои 13 се членки на ЕУ. ­

„Тоа ни помага во решавањето на предизвиците, и од институционален аспект и од правна гледна точка, со која треба да се соочиме пред пристапувањето во ЕУ“, рече Ибрахими.

Амбасадорот на Кралството Шведска во Македонија, Матс Стефансон, го оцени проектот како успешен и додаде дека Шведска ја поддржува перспективата на Македонија за ЕУ, на конкретен и практичен начин, преку трансфер на знаење и искуство. ­ Македонија е подготвена за најважните чекори што треба да ги преземе, кои се однесуваат на административните структури.

„Да се надеваме дека тие ќе бидат доволно развиени до времето на пристапот и дека ќе бидат исполнети сите услови за целосно имплементирање на сите релевантни закони на ЕУ“, нагласи Стефансон.

Твининг-проектот „Зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на законодавството на ЕУ во сферата на слободното движење на работниците“ почна да се спроведува во февруари 2014 година, а носител е Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Во активностите беа вклучени и министерствата за здравство и за надворешни работи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Секретаријатот за европски прашања. 

Повеќе од 400 вработени во агенциите, министерствата и фондовите во Република Македонија имаа корист од обуките и активностите кои беа спроведени во рамките на твининг-проектот „Зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на законодавството на ЕУ во сферата на слободното движење на работниците“. Проектот е имплементиран како партнерство меѓу Република Македонија, Шведска и Унгарија.