/ Прочитано:

764

СЛУЧАЈ „Џумајлија“: На Зоран Даневски ќе му се суди во отсуство

Вторник, 11 март 2014 – Основниот суд во Штип деновиве треба да го закаже првото судско рочиште за познатиот светиниколски бизнисмен Зоран Даневски, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување за земјоделскиот комбинат „Џумајлија“. Против Даневски има неколку кривични пријави. Од Судот информираат дека на Даневски ќе му се суди во отсуство.

„За случајот Даневски сметаме дека веќе се исполнети условите да му се суди во отсуство, односно има официјален документ дека Зоран Даневски е недостапен за органите на прогонот на Република Македонија, што значи исполнети се условите за негово судење во отсуство и во најскоро време ќе се закаже главна расправа која ќе се одржи, а потоа ќе биде донесена во името на граѓаните на Република Македонија и објавена соодветна пресуда“, вели портпаролот на Основниот суд во Штип, Стојан Михов.

Македонските истражни органи распишаа потерница по Зоран Даневски, кој неофицијално се наоѓа во соседна Бугарија. Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба за исчезнување на дражавни резерви на пченица и јачмен, кои што се чувале во магацините на „Џумајлија“. Штетата се проценува на околу еден и пол милион евра. Против него минатата недела поднесена е и нова кривична пријава, исто така за злоуопотреба на службената положба во комбинатот „Џумајлија“.