/ Прочитано:

1.312

СЛУЧАЈ „ДИВА НАСЕЛБА“: Досегашната судска постапка е коректна – оценија адвокатите на роднините на убиените полицајци

„Оштетените се изјаснија пред Судот за имотно-правните отштетни побарувања. Ние, како полномошници на дел од оштетените, имаме право да предлагаме сведоци во текот на постапката и сметаме дека постапката сега засега се води коректно“, рече адвокатот Жарко Стевановски.

Судење „Дива Населба“, прво рочиште

Роднините на полицајците убиени во борбените дејствија од 9 и 10 мај минатата година во кумановска Дива Населба, денеска беа присутни во судницата во својство на оштетени.

Тие заедно со своите законски застапници беа сместени на крајот од судницата број еден во Кривичниот суд, која е преполна поради дваесет и деветтемина обвинети и нивните адвокати и бројното затворско обезбедување. Сопругите и татковците на осумтемина полицајци беа сместени во затворената просторија предвидена за преведувачи од каде што можеа да ги слушаат исказите на двајцата сведоци кои денеска беа повикани да сведочат од страна на Обвинителството.

Некои од сопругите на убиените полицајци лично се обратија во Судот, додека некои преку своите законски застапници истакнаа дека се приклучуваат кон кривичниот прогон на обвинетите, а отштетното побарување ќе го остварат преку парница во Граѓанскиот суд.

„Оштетените се изјаснија пред Судот за имотно-правните отштетни побарувања. Ние, како полномошници на дел од оштетените, имаме право да предлагаме сведоци во текот на постапката и сметаме дека постапката сега засега се води коректно“, рече адвокатот Жарко Стевановски.

Во понатамошниот тек на постапката ќе се приклучат и други оштетени лица кои се членови на семејните заедници со кои живееле загинатите, додаде Стевановски. Денеска оштетените не сакале да упатат прашања до сведоците, но во текот на постапката, кога ќе бидат сослушувани обвинетите, тој најави дека и тие, како странка во постапката, ќе имаат прашања до нив.

Во борбените дејствија загинаа осум полициски службеници: Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Љубиша Арангеловиќ, Ненад Серафимовски и Сашо Самоиловски.

Таткото на Самоиловски, Панче, сакаше да постави прашање во судницата, но беше поучен од судијката Верка Петковска дека тој не е пријавен како правен застапник на оштетените и во оваа фаза од постапката нема право да се обраќа во судот. Тој, рече судијката, во моментов е во улога на јавност и доколку го нарушува редот во судницата, постои опасност да биде отстранет.

Пред Судот сведочеа и двајца сведоци кои се татко и син

Пред судот сведочеа двајца сведоци, Арнад Сејдиу и Сабит Сејдиу, кои се син и татко и кои имаат куќа во Дива Населба. Арнад Сејдиу истакна дека се познава со тројца од обвинетите, кои се негови соседи, и рече дека тие во маалото биле познати како добри и работливи луѓе.

Судење „Дива Населба“, прво рочиште

Повеќе од еден месец пред критичниот викенд, но и ноќта пред 9 мај, Арнад рече дека поминувал малку време во маалото бидејќи ја подготвувал новата продавница за отворање.

„Кога се вратив доцна околу 22:30 ноќта на 8 мај забележав дека е многу тивко и мирно, што е невообичаено, но си помислив дека тоа е така бидејќи луѓето немаат пари, не стигнала платата, па немаат зошто да излегуваат“, рече Арнад Сејдиу.

Утрото бил разбуден од пукотниците и видел многу полиција околу неговата куќа. Неколку часа со своето семејство седел во една соба и чекал да се смири состојбата, по што излегол и ја повикал полицијата за да ги евакуира.

„Полицијата дојде и ги зеде жена ми, мајка ми и децата, но јас им реков дека морам да се вратам дома бидејќи во подрумот имам четворица пекари кои работат од ноќта. Тогаш полицијата влезе во мојата куќа и ги зеде четворицата работници и мене и нѐ одведе во полициска станица каде што во многу лоши услови нѐ држеа 27 часа“, додаде Арнад Сејдиу.

Таткото на Арнад, Сабед Сејдиу, рече дека критичниот викенд бил во селото Ранковце, каде што има куќа.

Кога му се јавила ќерката да му каже што се случува, утрото на 9 мај, била многу вознемирена и плачела, по што тој веднаш тргнал кон градот, но полицијата го запрела во близна на неговата куќа во Дива Населба.

Сабед рече дека познава неколку од обвинетите, дека ги има видено, но не можеше да се сети на еден обвинет кој стана и кој потенцираше дека работел за него.

Денеска требаше да сведочи уште едно лице кое е недостапно.

Главната расправа наместо на 16 март, за кога беше закажано продолжението, ќе се одложи за 22 март поради тоа што одбраната ги нема добиено исказите на следните сведоци кои се предложени од Обвинителството.

„Добивме потврден одговор од Јавното обвинителство дека тие ги поседуваат исказите и дека ќе ни бидат доставени, меѓутоа бидејќи тоа досега не е сторено, побаравме одложување“, рече адвокатот Насер Рауфи.

Тој додаде дека одбраната има многу сведоци кои ќе ги предложи во текот на постапката, но ќе ги искористат и сведоците на Обвинителството кои веќе биле сослушани во Судот.

М.С.