/ Прочитано:

1.285

СЛУЧАЈ „ДИВА НАСЕЛБА“: Кривичниот суд сѐ уште не добил просторија за одржување на судењето

Претседателот на Судот информирал дека и покрај обидите преку Министерството за правда да биде обезбедена просторија до денеска тоа не е направено.

Судење „Дива Населба“, прво рочиште

Судијката Верка Петковски и денеска ја одложи главната расправа за случајот „Дива Населба“ поради тоа што сѐ уште не се обезбедени просторни услови кои ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди.

Претседателот на Судот информирал дека и покрај обидите преку Министерството за правда да биде обезбедена просторија, до денеска тоа не е направено.

Рочиштето беше презакажано за 23 мај.

Минатата недела предметот „Молња“ за обвинетите за логистика на кумановската група од Дива Населба се спои со предметот „Дива Населба“.

„Судот донесе решение на 4.5.2016 година со кое се врши спојување на постапките. Од тоа произлегува дека има 37 обвинети, 15 адвокати, голем број на лица кои го обезбедуваат спроводот на обвинетите од казнено-поправните установи, новинари заинтересирани да ги следат рочиштата, како и голем број на припадници на МВР кои безбедносно го обезбедуваат просторот околу судските згради, поради што Судот дополнително ќе се произнесе каде ќе се одржуваат рочиштата за новиот предмет“, рече на последнто рочиште судијката Верка Петковска. Како што најави судијката Петковска, единствениот процес ќе започне од почеток, со читање на обвинителниот акт и со произнесување на обвинетите за вина.

Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394 – а и тероризам од членот 394 -б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.

Во предметот „Молња“, пак, обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.

Како што истакна застапникот на обвинението од Обвинителството за организиран криминал и корупција Наум Пановски, организаторите на кумановската група регрутирале лица од локалното население кои ќе им дадат логистичка поддршка.