/ Прочитано:

1.224

СЛУЧАЈ „ДИВА НАСЕЛБА“: Забранет влез во Врховниот суд за адвокатите и за новинарите. Судењето одложено

Вилма Русковска, обвинителка во процесот, пак, изјави дека претставниците на Обвинителството и обвинетите биле во салата, но поради отсуство на адвокатите, судијката го презакажала рочиштето за 6 јуни.

20160531_102931
Судењето за случајот „Дива Населба“ повторно беше одложено. И покрај тоа што беше обезбедена големата сала на Врховниот суд, адвокатите на обвинетите во процесот не влегоа во салата бидејќи, како што истакнаа, обезбедувањето на Врховниот суд не им дозволило влез.

Вилма Русковска, обвинителка во процесот, пак, изјави дека претставниците на Обвинителството и обвинетите биле во салата, но поради отсуство на адвокатите, судијката го презакажала рочиштето за 6 јуни.

Комплексот судски згради беше под силно полициско обезбедување уште изутринава, што е вообичаено при одржувањето на овој процес.

Покрај на адвокатите, влез во Врховниот суд не им беше дозволен и на новинарите и на невладините организации кои го следат процесот.

Судот пред две недели предметот „Молња“ за обвинетите за логистика на кумановската група од Дива Населба го спои со предметот „Дива Населба“.

По спојувањето на двата предмети, Кривичниот суд не можеше да најде соодветна просторија каде што ќе бидат исполнети сите услови за одржување на судењето. Преку барање упатено до Министерството за правда, а со одлука на Владата беше одредено судењето да се одвива во големата сала на Врховниот суд која претходно претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, не сакаше да ја отстапи поради безбедносни причини.

Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394 – а и тероризам од членот 394 -б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.

Во предметот „Молња“, пак, обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.

Како што истакна застапникот на обвинението од Обвинителството за организиран криминал и корупција Наум Пановски, организаторите на кумановската група регрутирале лица од локалното население кои ќе им дадат логистичка поддршка.

М. С.