/ Прочитано:

2.728

СЛУЧАЈ „ЌЕЛИЈА“: Казни затвор од 5 до 7 години за признание за учество во паравоена формација

Судот ги прифати спогодбите на осомничените со Обвинителството и со пресудата ги осуди за виновни и им ги досуди казните затвор кои биле определени во спогодбата што тие ја постигнале со Обвинителството.

Јавна седница за оцена на обвинителен акт за случај „Ќелија“

Казна затвор од 5 години за четворица обвинети, една казна затвор од 5 и пол годни и една казна од 7 години затвор, им беа определени на шесттемина осомничени во случајот „Ќелија“, кои ја признаа вината на првата Јавна седница за оцена на обвинителниот акт и постигнаа спогодба за вина со Обвинителството.

Највисоката казна затвор му беше определена на првоосомничениот, оџата Реџеп Мемиши кој е осомничен за делото учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, според членот 322-а, став 1.

На Ахмет Дарлишта, кој се товари за истото дело, но по три става од членот 322-а, му беше определена казна затвор од 5 и пол години.

На осомничените Фазли Суља, Сејфула Едемовски, Шеху Мухамед и Ресуљ Саити, кои се осомничени по два става од членот 322-а за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, им беше определена единствена казна затвор во траење од 5 години.

Судијката која ја водеше седницата за оцена на обвинителен акт, Сандра Крстиќ, повеќе од еден час, преку испрашување на осомничените прецизираше дали делото го признале под присила, дали се свесни за законската санкција што им е одредена, за неможноста од право на жалба и сите последици кои се однесуваат на признавањето на вина.

Оџата Мемиши истакна дека е свесен што признава и истакна дека тоа го прави по своја волја без никаков притисок.

„Ова го правам заради моето семејство и децата. Имам мало неколкумесечно бебе, а поголемата ќерка не сака да оди во училиште бидејќи ѝ е срам. Сакам што побрзо да ја одлежам казната затвор за да можам да бидам со семејството“, рече Мемиши пред Судот.

И осомничениот Едемовски рече дека има семејство и две малолетни деца и дека поради нив ја признал вината. Според него, нема докази кои ќе го докажат делото кое му се става на товар, но смета дека ако оди на судење ќе добие многу повисока казна.

Останатите четворица осомничени го уверија Судот дека се свесни за тоа какви последици носи признанието на вина и дека не биле присилени да го сторат тоа.

Судот ги прифати спогодбите на осомничените со Обвинителството и со пресудата ги осуди за виновни и им ги досуди казните затвор кои биле определени во спогодбата што тие ја постигнале со Обвинителството.

Јавна седница за оцена на обвинителен акт за случај „Ќелија“

Реџеп Мемиши – 7 годни казна затвор – Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации член 322-а

(1) Тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија,

Ахмет Дарлишта – 5 и пол годни казна затвор – Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации член 322-а

(1) Тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија,
(2) Тој што спротивно на закон на било кој начин, директно или индиректно, нуди, дава, обезбедува, бара, собира или прикрива финансиски средства, фондови, материјални средства или опрема кои целосно или делумно се наменети за извршување на делото од став (1) на овој член, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.
(6) Тој што го сокрива извршителот на делото од ставовите (1), (2), (3), (4) или (5) на овој член, или помага во спречување на откривањето на делото или извршителот преку сокривање на средствата со кои е извршено делото, доказите или на било кој друг начин, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Сејфула Едемовски – 5 години казна затвор – Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации член 322-а

(1) Тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија,
(2) Тој што спротивно на закон на било кој начин, директно или индиректно, нуди, дава, обезбедува, бара, собира или прикрива финансиски средства, фондови, материјални средства или опрема кои целосно или делумно се наменети за извршување на делото од став (1) на овој член, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

Ресуљ Саити – 5 години казна затвор – Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации член 322-а

(2) Тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија,
(3) Државјанин на Република Македонија кој спротивно на закон учествува во или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија,  ќе се казни со затвор од најмалку четири години.

Фазли Суља – 5 години казна затвор – Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации член 322-а

(3) Државјанин на Република Македонија кој спротивно на закон учествува во или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку четири години.
(4) Тој што спротивно на закон на собир, преку пишан текст, со аудио-визуелни снимки, преку социјалните мрежи или со било кој друг облик на комуникација повикува, со ширење или ставање на кој било друг начин на располагање на јавноста порака, или врбува или поттикнува друг на извршување на делата од ставовите (1), (2) или (3) на овој член, ќе се казни со затвор од најмалку четири години.

Мухамет Шеху – 5 години казна затвор – Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации член 322-а

(3) Државјанин на Република Македонија кој спротивно на закон учествува во или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку четири години.
(4) Тој што спротивно на закон на собир, преку пишан текст, со аудио-визуелни снимки, преку социјалните мрежи или со било кој друг облик на комуникација повикува, со ширење или ставање на кој било друг начин на располагање на јавноста порака, или врбува или поттикнува друг на извршување на делата од ставовите (1), (2) или (3) на овој член, ќе се казни со затвор од најмалку четири години.

Адвокатите на петтемина осомничени за кои Судот ја издвои постапката и ја продолжи Јавната седница за оцена на обвинителниот акт, истакнаа дека обвинението не ги задоволува основните стандарди за обвинение, особено имајќи го предвид фактот дека ова е прв случај од ваков вид во Република Македонија откако беа направени законските измени.

Јавна седница за оцена на обвинителен акт за случај „Ќелија“

Адвокатот Асмир Алиспаиќ истакна дека во обвинението не е прецизиран денот кога се започнати активностите на групата ниту кога завршила истрагата.

„Во обвинението е наведено ‘септември 2014 до средината на 2015 година’. Законските измени со кои овие дела влегоа во Кривичниот законик стапуваат на сила на 14 септември. Значи, Обвинителството не може да ги гони за дело кое не постоело во ЗКП на почетокот на септември ниту, пак, до неопределено време, како што е наведено ‘средината на 2015 година’“, вели Алиспаиќ.

Тој ги застапува Ерол Рустеми, Абдула Абдулахи и Имери Мухамед, за кои вели дека дури не се ни познаваат меѓу себе.

За осомничениот Имери Мухамед вели дека бил во Турција, но кај свои роднини. Дополнително го оспори и времето за кое се смета дека тој бил во Сирија според обвинението, а тоа е 18.8.2014 година, кога воопшто не постоело кривичното дело што му се става на товар . Има докази дека бил кај роднини во Турција четири месеци.

„Ако обвинението се потпира само на овие патувања и на доказите од материјалите на цеде, на кои има верска содржина, се поставува прашањето дали утре јас, како припадник на муслиманската вера, можам исто така да бидам уапсен“, рече Алиспаиќ и побара обвинението да биде отфрлено во целост.

Адвокатот Ефто Спировски, кој го брани Иса Фуга, истакна дека Обвинителството нема докази за неговиот клиент. Патувањето во Турција за набавка на текстил за бутикот што го имаат со татко му, не може да биде кривично дело, вели Спировски

„Го оспорувам обвинението и го повикувам обвинителот да се откаже од него и се надевам дека Судот ќе го врати на доработка или целосно ќе го отфрли овој обвинителен акт, дополнително и поради опасност од создавање на лоша судска пракса, имајќи предвид дека ова е прв ваков случај за овие дела во Република Македонија“, рече Спировски.

Адвокатот Слободан Богојевиќ, кој го застапува единствениот Македонец меѓу осомничените, Стефан Стефановски, најпрво, приговараше на посетата од страна на обвинителот Владимир Милошевски на осомничениот, во затворот „Шутка“, без негово знаење, кога му било подметнато на Стефан да потпише документ со кој тој потврдува дека извршил увид во доказите.

„Со ова му е повредено правото на Стефановски на одбрана. Невозможно е за еден час да се изврши увид во илјадници докази од кои јас, за седум дена, успеав да видам само 10 %“, потенцираше Богојевиќ.

Дополнително, според обвинението, на Стефановски му се става на товар дека ја напуштил државата на 13.8.2014 година и заминал за Турција, време кое не може да биде опфатено со делото кое му се става на товар бидејќи тој член стапува на сила на 14 септември.

„Со ова е направена суштинска повреда на членот 1 од Основните одредби на Кривичниот законик според кој: ‘На никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон или со меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Македонија определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон’“, истакна Богојевиќ.

Осомничените истакнаа дека се согласуваат со наводите на нивните бранители.

Судот информираше дека писмено ќе ги извести бранителите за одлуката по однос на оцената на обвинителниот акт.

Марија Севриева