/ Прочитано:

1.746

Случајот „Јустиција“ е навреда и понижување за целото правосудство, смета одбраната

Вторник, 29 септември 2015 – Стартот на судењето за случајот „Јустиција“ во кој обвинети се судии и стручни соработници од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 се одложи за 27 октомври поради неуредна достава и поради болест на неколку од обвинетите.

Член на Судскиот совет – сведок во постапката 

Пред да се одложи судењето, бранителот Звонко Давидовиќ ја запраша судијката која го води предметот, Лидија Зимбовска, во кое својство во текот на постапката ќе биде повикан „претставник“ на Судскиот совет и за кој член на ССРМ се работи.

„Колега, ако го имате обвинителниот акт ќе прочитате. Тој е повикан во својство на сведок“, рече судијката Зимбовска, притоа не откривајќи за кого се работи.

Одбраната: обвинети се луѓе кои биле беспрекорни во својата работа

Според Обвинителството, судиите и службениците со неизвршување на службената должност нанеле штета на Буџетот од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал. Во обвинението се наведува дека обвинетите воделе постапка без да се појават странките, а судските казнени пресуди биле внесувани како извршени, но биле чувани во фиоки сè до нивно застарување. На застарените пресуди, според Обвинителството, се ставал и противзаконски изготвен штембил дека постапката се запира.

За Ефто Спировски, адвокат на дел од обвинетите, целиот случај е фарса за понижување на големи професионалци со над 30-годишно судиско искуство, но и за целото правосудство. Според бранителот, обвинетите на почетокот на истрагата биле брутално уапсени и засрамени пред целата македонска јавност.

„Ова е голема навреда и понижување, не само лицата за кои се води постапката, туку за целото судство, едноставно ова не смееше да се случи. Ова обвинение е нелогично и неразбирливо. Обвинетите се луѓе кои биле беспрекорни во својата работа. Тие не ваделе една норма туку трострука норма и за тоа место да бидат наградени, тие се обвинети. Страшно несфатливо“, изјави за новинарите адвокатот Спировски додавајќи дека критиките на некои од судиите дека медиумите вршеле притисок на судството, истакнати на вчерашната конференција на Судскиот совет, се апсурдни.

Според бранителот, главниот проблем во случајот е во погрешна поставеност на целото судство.

„Главната грешка во овој предмет на алфабети кои го конципираат судството, кои не работеле во судовите и кои не ја знаат ниту работата, ниту тежината, ниту функционалноста на судовите и на персоналот во судовите. Главна грешка е што се укина Судот за прекршоци. Не можете да укинете еден суд во град од околу 700.000 жители со огромен број фирми кои функционираат на територија на Скопје, кои при своето работење прават огромен број прекршоци од сите области. Не можете да укинете суд кој за пола Македонија треба да врши работа и да го направите Одделение со огромен број предмети. Во оваа прилика апелирам дека мора тој суд да се воспостави“, рече Спировски.

Во акцијата „Јустиција“, која се случи лани во октомври, беа уапсени дваесет и пет лица од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 под сомнение за кривичното дело несовесно работење во службата. Јавно обвинителство – Скопје, во меѓу време, склучи седум спогодби со судии и судски службеници кои ја признаа вината и тие беа осудени на условна казна. Против петмина, пак, кривичната постапка беше запрена бидејќи се утврдило дека нема кривично дело кај нив.

Со обвинението се опфатени 13 лица. Меѓу нив има и пензионирани судии, додека останатите, кое се во работен однос, се суспендирани од работа. Сите обвинети се бранат од слобода.


Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk