/ Прочитано:

1.753

Смртната казна и српското општество – Граѓани бараат казната да се врати, министерот за внатрешни жали што се укинала

Монструозното убиство иницираше дебата во Србија за враќање на смртната казна. Револтирани граѓани после приведувањето на осомничениот за убиството на младата Тијана Јуриќ бараат смртна казна за месарот од Сурчин, Драган Ѓуриќ. Кон нивните барања се приклучи со оправдувачки став за смртната казна и министерот за внатрешни работи.

Небојша Стефановиќ: „Нашето општество не беше спремно за прифаќање на сите текови на ЕУ како што е укинувањето на смртната казна“

Ваквите ракции на граѓаните беа дополнително мотивирани и од изјавите на највисоки владини претставници. Министерот за внатрешни раноти, Небојша Стефановиќ, низ видливи емоции рече дека жали што смртната казна во Србија е укината.

„Нашите надежи дека ќе ја пронајдеме Тијана Јуриќ жива, за жал не се остварија, полицијата вчера го уапси монструмот кој го извршил ова кривично дело. Заради вакви монструми жал ми е што ја укинавме смртната казна. Можеби нашето општество не беше спремно за прифаќање на сите текови на ЕУ како што е укинувањето на смртната казна“, истакна министерот, додавајќи дека како родител и човек очекува дека вакво нешто ќе помине со најстрогата казна.

Ваквата негова реакција следеше после пронаоѓањето на мртвото тело на младата Тијана и приведувањето на осомничениот за убиството. Според информациите, осомничениот бил упасен во средата навечер околу 22 часот. Како што се наведува, тој бил уапсен на територијата на Белград. Според полицијата, убиецот прво намерно го удрил девојчето со автомобил, а потоа го задавил. Тој го признал злосторството и полицијата ја одвел до местото на коешто ја закопал жртвата, десетици километри од Суботица. Претходно бил испратен на полиграфско тестирање при што „паднал на сите прашања“, информираат од полицијата.

Некои српски медиуми пишуваат дека осомничениот ја набљудувал Тијана во спортскиот центар каде била со другарките. Кога ја видел дека е сама насилно ја внел во автомобилот и ја однел 10 километри подалеку. Несреќното девојче се борело со киднаперот, и испаднал нокт во борбата и патиката, кои подоцна биле пронајдени.

Дебата на владино ниво: Министерот за внатрешни работи „ЗА“ смртна казна, министерот за правда „ПРОТИВ

Емотивниот набој во српската јавност ги пренесе про и контра ставовите за смртната казна и на владино ниво. Министерот за правда, спротивно на министерот за внтарешни работи смета дека најстрогата казна во српското казнено законодавство, 40 години затвор, е  доволна строга. Тој посочи дека сега предметот е во рацете на јавниот обвинител и на судството, и, како што рече, уверен е дека секој кој ќе постапува во предметот ќе води сметка и ќе биде свесен за вознемирувањето кое тоа свирепо убиството ја внесло во српската јавност.

„Вакви случаи кои може да се квалификуваат како кривично дело на тешко убиство, некогаш беа санкционирани со смртна казна, но сега најстрогата казна за нив е 40 години затвор. Тоа е најстрога казна во системот на Србија и потешка санкција не постои ни во еден правен европски систем. Единствена земја која има смртна казна во Европа е Белорусија“, потенцираше српскиот министер за правда.

Повици за јавен линч

Во меѓувреме кон дебатата за смртната казна се вклучија и српски медиуми. Тие веќе на своите сајтови објавуваат анкети и петиции со кои би се испитало јавното мислење за потребата од воведување на смртната казна во Република Србија. Истовремено, се пренесуваат и коментарите на граѓаните со кои тие го осудуваат осомничениот и повикуваат на негов јавен линч и смртна казна.

„Ова не чин на човек, ова е чин на монструм, смртна казна за него!“, револтирано пишуваат граѓани.

Само синоќа на социјалните мрежи на групите со барања за смртна казна за убиецот на Тијана Јуриќ, пристапиле дури 50.000 луѓе од целиот регион, згрозени од свирепото убиство.

Според српското законодавство, за вакво кривично дело предвидена е казна затвор од 30 до 40 години. Во Србија, како и во другите европски земји, смртната казна е укината. Смртната казна во Србија е укината во 2002 година, а последното извршување на смртната казна било во 1992 година, додека последните пресуди за смртна казна се изречени во 2001 година.

АНКЕТИ: Од балансираност до преовладување на барањата за враќање на смртната казна

Темата за смртната казна во Србија се провлекува низа години, особено ако се земе во предвид дека таа во српското правосудство и држава како официјална казнена политика има континуитет уште од 1804 година, а се применувала и во периодот и на кралството Југославија и на бившата СФРЈ.

Последните анкети и научни анализи за потребата од смртната казна во Србија покажуваат дека јавното мислење е избалансирано во поглед на ова прашање, но специјализираните форуми кои ја истражуваат смртната казна публикуваат инфорамции дека, сепак, јавното мислење е повеќе наклонето кон повторно враќање на смртната казна.

Извор: СПСК

(М.В) veljanoskim@akademik.mk