/ Прочитано:

700

Сноуден доби нова тригодишна дозвола за престој во Русија

Петок, 8 август 2014 – Руските имиграциони власти ја продолжија за уште три години, дозволата за престој во Русија на американскиот бегалец Едвард Сноуден, соопшти неговиот руски адвокат Анатолиј Кучерена.

Според изјавата на адвокатот Кучерена, новата, тригодишна дозвола за престој, му овозможува на Сноуден слободно да се движи низ Русија, како и да патува во странство. 

Досегашната едногодишна дозвола за престој во Русија му истече на 31 јули. Сноуден побарал продолжување на дозволата, откако неговите пријатели во странство, не успеаа да најдат земја каде тој би можел да отпатува и да се насели.

Рускиот адвокат Кучерена тврди дека Сноуден во Русија престојува врз основа на привремената дозвола за престој, а не како политички азилант.

Во мај минатата година, Сноуден побегна од САД, во Хонг Конг, откако претходно ги обелодени строго чуваните тајни на американската Агенција за национална безбедност (НСА) за тоа дека се следат телефонските и интернет комуникации на лугето.

По кусиот престој на кинеска територија, хонгконшките власти, со одобрение на Пекинг, дозволија американскиот бегалец да замине за Москва, предизвикувајќи гневна реакција кај официјален Вашингтон.

Во САД, тој е обвинет за „грабеж на државен имот“ како и за откривање на доверливи државни информации, но во левичарско-либералните кругови во Европа, тој е прогласен за „херој“ и за „заштитиник за човековите права и слободи“.

Во делови од американската политичка јавност се бара Сноуден да биде обвинет и за шпионажа, а безбедносни експерти тврдат дека обелоденувањето на податоците што тој го направи, како поранешен соработник на НСА, предизвикале безбедносна штета и повреда на државните интереси на САД.

Јавноста во Русија и надвор од неа, малку знае за тоа што правеше Едвард Сноуден изминатата година. Не се знае каде тој живее, што работи и од што опстојува на руска територија.