/ Прочитано:

910

Со „европски“ закон задолжително ќе се чува црното злато за црни денови

Понеделник, 15 септември 2014 – Врз основа на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, во Република Македонија се формирани и се одржуваат задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, а во Предлог – законот за задолжителни резеви на нафта извршено е транспонирање на Одлуката 68/414/ЕЕЗ и Директивите 73/238/ЕЕЗ и 2006/67/ЕЗ, кои ги обврзуваат земјите членки на ЕЕЗ да одржуваат минимум залихи на нафта и/или нафтени производи, ја образложува Министерството за финансии потребата од донесување на посочениот закон.

Усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ 

„Со оглед дека со Директивата 2009/119/ЕУ заклучно со 31 декември 2012 година се укинуваат Одлуката 68/416/ЕЕЗ и Директивите 73/238/ЕЕЗ и 2006/67/ЕЗ, неминовно се наметна потребата од усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ во областа на нафтените резерви, како битна претпоставка во процесот на пристапување на Република Македонија кон Европската Унија. Во предложениот текст на новиот Закон за задолжителни нафтени резерви извршено е делумно транспонирање на Директивата 2009/119/ЕУ со која се наметнува  обврска на земјите-членки да чуваат минимум резерви на сурова нафта и/или нафтени производи“, се наведува во Предлог-Законот.

Како што укажуваат од Министерството за финансии како предлагач на законот, целта на предложениот закон е преку транспонирањето на Директивата 2009/119/ЕУ македонското законодавство да се усогласи со законодавството на Европската унија, заради обезбедување на механизми и услови за одржување на високо ниво на безбедност на снабдувањето на сурова нафта и нафтени деривати во земјата и во Европската унија во целина, преку сигурни и транспарентни механизми кои се засноваат на солидарност на земјите-членки.

„Со цел да се придонесе за поефикасно извршување на законите што е во насока на исполнување на барањата за членство во Европската Унија, а согласно Националната програма за усвојување на правото на ЕУ која има за цел да овозможи реализација на главните проиритети содржани во Европското партнерство, се предлага усогласување на принципите и начинот на формирање и чување на задолжителни резеви на сурова нафта и/или нафтени деривати, како и на посебните резерви“, посочуваат од Министерството за финансии.

„Македонска агенција за задолжителни нафтени резерви“

Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати ја продолжува својата работа како национална институција во форма на централно тело за чување и одржување на задолжителните резерви но со нов назив „Македонска агенција за задолжителни нафтени резерви“.

Посебни резерви со посебен правен статус

Со предложеното законско решение се овозможува формирање на резервите познати како „посебни резерви“ поставени на ниво кое независно и доброволно го одредува земјата, а потребата за нивно формирање се определува со одлуки на Владата на Република Македонија, при што резервите треба да одговараат на вистинските потреби во случаи на криза. Овие резерви имаат посебен правен статус за обезбедување на целосна расположливост во  случи на криза.

„(1) Задолжителните резерви се формираат постепено во согласност со акцискиот план од член 12 став (2) на овој закон, со цел да се обезбеди вкупните задолжителни резерви кои се чуваат во секое време во Република Македонија да одговараат на најмалку 90 дена од дневните просечни нето увози или на 61 ден од просечната дневна домашна потрошувачка, во претходната календарска година, во зависност од тоа која од двете наведени количини е поголема.

(2) Просечните дневни нето увози и просечната дневна домашна потрошувачка за тековната календарска година, се пресметуваат врз основа на еквивалентот на суровата нафта за увозите и домашната потрошувачка во текот на претходната календарска година“, се предвидува во член 5 од Предлог – законот.

Се воведуваат мерки и активности за изготвување и доставување на статистички резимеа кои се поднесуваат до Европската Комисија, меѓутоа со одложена примена.

Во поглед на финансирањето и складирањето на задолжителните резерви, се предлага да останат во примена веќе воспоставените механизми во Република Македонија.

Начин на уплата на надоместокот за задолжителни резерви

Во предложениот текст се утврдени обврзниците за уплата на надоместокот за задолжителни резерви, моментот на настанување на обврската како и начинот на уплата на истиот. Решението во поглед на финансирањето истовремено е во согласност со законодавството на ЕУ и претставува применета пракса во голем број земји членки. Условите и начинот на складирање на задолжителните резерви во најголем дел се прилагодени на условите во земјата и примената на овие услови ќе трае до пристапувањето на Република Македонија кон ЕУ кога ќе се пристапи кон определени измени.

Чување на дел од нафтените резерви надвор од границите на земјата

Можноста за чување на дел од нафтените резерви надвор од границите на земјата останува и се применува во случај на претходно склучени билатерални договори. Новина во предложеното решение е проширениот опфат на земјите во кои може да се чуваат задолжителните резерви, односно покрај земјите – членки на ЕУ се воведува можност за чување на резервите на територијата на земјите членки на Енергетската заедница.

„Согласно фактот дека е потребно резервите да се стават на располагање доколку се појават тешкотии при снабдувањето со нафтени деривати на пазарот, ова законско решение треба да овозможи задолжителните резерви да се формираат на начин кој ќе овозможи државата да има овластување и капацитет да ја контролира нивната употреба на начин што ќе овозможи истите да бидат на располагање во состојби и во  региони каде се најпотребни“, посочуваат од Министерството.

План за интервенција и видови резерви

Со предложениот законски текст се уредува изготвување на План за интервенција што може да се користи во случај на настанати тешкотии при снабдувањето со нафтени производи и воедно овозможува земјата да направи подготовки во поглед на организациските мерки што треба да се преземаат во случај на нафтена криза.

Се уредува формирање на два вида резерви и тоа: „резерви за вонредни состојби“ и „посебни резерви“, при што и едните и другите се дел од задолжителните резерви со цел да се овозможи ова соодветно да биде вградено во називот на законот, се предлага истиот да биде изменет од досегашниот „Закон за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати“ во „Закон за задолжителни нафтени резерви“.

Покрај горенаведеното предложениот законски текст содржи и одредби со кои се уредува контролата и надзорот над задолжителните нафтени резерви на Република Македонија, како и прекршочни одредби, одредби за органите на управување и стручните служби.

>>>Предлог – закон за задолжителни нафтени резерви

(М.В)