/ Прочитано:

698

Со молитва започнува одбележувањето на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајните несреќи

 Четврток, 14 ноември 2013 – Загрижувачка тенденција: Бројот на жртви од сообраќајните несреќи оваа година е поголем од лани. „Заклучно со септември оваа година во Македонија има 139 жртви во сообраќајот за разлика од лани кога за цела година имаше 132 жртви“, истакна на денешната прес конференција на Тоше Јанев, портпарол на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата (РСБСП).

Во пресрет на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајните несреќи на патиштата, Јанев најави тркалезна маса на тема „Како до помалку сообраќајни несреќи со фатални последици“ што ја организира РСБСП во соработка со Министерството за внатрешни работи.

Исто така, во соработка со Комисијата за верски заедници, Јанев најави дека утре во сите објекти на Исламската верска заедница ќе се одржи молитва, саботна молитва во Еврејската верска заедница, а за време на неделната литургија ќе се одржи молитва во сите цркви на МПЦ – ОА, како и во останатите 27 регистрирани верски заедници во Македонија на нивните богослужби.

Во активностите за одбележување на денот вклучени се повеќе општествени чинители како Дирекцијата за заштита и спасување, МВР, Автомото сојузот на Македонија, Итна медицинска помош, Црвениот крст на Република Македонија, медиуми, СЗО и локални власти.