/ Прочитано:

3.437

„Со поголема конкурентност и либерализација на поштенскиот пазар ќе се подобри услугата, но и ќе се исклучи сивата економија“ – адвокат МАРТА ГУСАР

Трендот на либерализација на поштенскиот пазар во западните земји е започнат уште во раните 90-ти години. Под либерализација на поштенскиот пазар се подразбира целосно отстранување на бариерите за влез на поштенскиот пазар, подобрување на конкурентноста, подобрување на квалитетот на поштенската услуга и, секако, исклучување на монополот во областа на поштенскиот пазар, вели во интервјуто за Академик адвокатката Марта Гусар, говорејќи за своите впечатоци и искуства кои ги стекнала како адвокат од областа на трговското и деловното право низ праксата во врска со прашањето за либерализацијата на поштенскиот пазар и потребите на деловните субјекти во таа насока.

Што се подразбира под либерализација на поштенскиот пазар?

Трендот на либерализација на поштенскиот пазар во западните земји е започнат уште во раните 90-ти години и либерализацијата придонесе за енормна успешност во работата на овој пазар, особено за националниот поштенски оператор.

Под либерализација на поштенскиот пазар се подразбира целосно отстранување на бариерите за влез на поштенскиот пазар, подобрување на конкурентноста, подобрување на квалитетот на поштенската услуга и, секако, исклучување на монополот во областа на поштенскиот пазар.

Либерализацијата исто така подразбира целосна структурна промена во рамки на националниот оператор, подобрување на квалитетот на услугата, како и соочувањето на националниот оператор со конкурентност, што подразбира отворање на вратите за приватните поштенски оператори, што ќе придонесе за подобрување на сопствениот квалитет на работа, а и за подобрување на деловната соработка со приватните оператори.

Какви се македонските искуства и состојби по однос на ова прашање?

Во Македонија либерализацијата започна со отворање на пазарот за приватни поштенски оператори. Сепак, можам да заклучам дека се спроведува навистина бавно, што, пак, доведува до тоа приватните поштенски оператори да бидат ставени во неповолна положба во споредба со националниот оператор, не давајќи им можност слободно да функционираат на пазарот.

Кај нас од пред неколку години започна либерализација на поштенскиот пазар од областа на поштенски пратки до и над 2 килограми, како и на пакети до и над 10 килограми, со ограничување за достава на пратки до 50 грама – писма.

Приватните поштенски оператори во Македонија сè уште не се во можност да ја користат универзалната поштенска услуга за достава на пратки до 50 грама, освен ако нивната цена не е два и пол пати повисока од цената што ја определил националниот оператор.

Националниот оператор сè уште, па дури и со најновите измени на Законот за поштенски услуги, ја има монополската улога на поштенскиот пазар во областа на универзалната услуга, односно достава на пратки до 50 грама, со наметнување сопствени цени, врз основа на кои се приспособуваат приватните поштенски оператори и ги формираат своите цени.

Ваквата проблематика, и недозволувањето целосно да се либерализира поштенскиот пазар во Македонија, придонесува за зголемување на сивата економија, особено во поглед на цените за поштенската услуга за достава на писма, како и за вршење на услуги од страна на субјекти што не се лиценцирани во оваа област.

Уште поголема проблем за приватните поштенски оператори е тоа што се третирани како обични трговски друштва, без оглед на својата лиценца која мора да ја поседуваат за да можат да ја вршат поштенската услуга, така што во ниту еден дел од своето работење не се изедначени со ослободувањата и со предностите што ги ужива националниот поштенски оператор.

Па, во однос на прашањето, да конкретизирам, Македонија е далеку од либерализацијата, во согласност со европските стандарди, и така и ќе остане сè додека државата не направи добра процена и сè додека не изврши целосна реорганизација и структурна промена на националниот оператор, овозможувајќи му да го подобри квалитетот на својата услуга што ќе биде токму плод од здравата конкуренција на пазарот.

Какви се странските искуства?

Како што и нагласив, во западните земји, како и во земјите на Европска Унија,  процесот на либерализација е одамна завршен со тоа што националните оператори и приватните оператори се потполно еднакви и ги уживаат истите правата што им ги дава законодавецот. Тоа значи дека операторите слободно ги креираат своите услуги и цени, а со тоа квалитетот на услугата е неприкосновен.

Германија е една од земјите каде што овој пазар функционира беспрекорно, каде што националниот поштенски оператор и приватните оператори заеднички го подобруваат својот квалитет на услуга, ги  уживаат истите права.

Ако Македонија започне да го следи овој тренд на Германија, односно најпрво да го истражи, а потоа да почне со негова реализација, ќе се дојде до заклучок дека со либерализацијата нема да пропадне или, пак, да престане да постои националниот оператор, токму напротив ќе биде водач на целиот поштенски пазар, подобрувајќи ја својата услуга заедно со приватните оператори.

Што е потребно да се направи за либерализација на поштенскиот пазар и кои се предизвиците?

За да се направи либерализација на македонскиот поштенски пазар, како што нагласив погоре, пред сè е потребно да се направи целосна структурна реорганизација на националниот поштенски оператор, што не подразбира продажба, туку внатрешна реорганизација која ќе ги следи трендовите на западните земји.

Доколку сопственикот на националниот оператор си дозволи поголема конкурентност, ќе ја подобри услугата, а со тоа, секако, и во најголема мера целосно ќе ја исклучи сивата економија во оваа област.

Сметам дека се потребни измени на Законот за поштенски услуги, со кои би се зголемиле условите за стекнување лиценца за работа, па на пазарот би се појавиле подготвени компании кои со својот основачки капитал и средства за работа ќе започнат да функционираат на пазарот, а понатаму и ќе се шират на пазарот. Доколку се оди на либерализација, тогаш потребно е таа да биде целосна. Третманот на приватните поштенски оператори од страна на законодавецот мора да биде ист како оној што го добива националниот поштенски оператор.

Која би била смислата на либерализацијата доколку секој приватен поштенски оператор е третиран како пошта, а има законски ограничувања во своето дејствување кои се насочени само спрема него, но не и кон националниот оператор.

Зошто го говорам ова, затоа што во моментот во Македонија веќе функционираат голем број приватни поштенски оператори, кои и покрај сите ограничувања со кои се соочуваат, сепак, успеваат да му конкурираат на националниот оператор, како со цените, така и со квалитетот на услугата.

Замислете што сè би било ако постои целосна либерализација на пазарот, во поглед на универзалната услуга. Ако не работи националниот оператор на своите услуги, тогаш тој би бил незначаен на пазарот.

Работите и во сферата на деловното и трговското право. Поконкретно, според вашe мислење и од она што го имате осознаено низ праксата, какви законски измени се потребни во оваа насока?

Законските измени се појдовна точка со цел постигнување либерализација на поштенскиот пазар. Доколку се законските измени во насока на тоа Законот за поштенски услуги при регистрацијата на пошта да биде предвиден lex specialis, тогаш ќе се намалат сите ограничувања на приватните оператори.

Впрочем, кога би постоеле посебни услови за стекнување лиценца за поштенски оператор, кои ќе се однесуваат на висина на основачки капитал, сопственичка структура, основни средства за работа, тогаш тие би биле третирани како посебен субјект, кој ќе се регистрира во согласност со Законот за поштенски услуги, а во врска со Законот за трговски друштва.

Во Македонија, без постоење претходна постапка за стекнување лиценца за вршење работи од областа на поштенските услуги, секоја Компанија со исполнување на минимум услови може да се стекне со лиценца.

Доколку измените би биле насочени кон тоа во Законот за поштенски услуги да се предвиди постоење на претходна постапка за стекнување лиценца, па дури потоа да се започне постапка за регистрација на друштвото – пошта, тогаш целиот пазар на поштенски услуги ќе добие нов концепт, со поголема сериозност и услови за работа.

Секако, ваквите измени би значеле предуслов за измени на голем број други законски норми, но секако тоа ќе биде чекор напред кон следење на трендот на либерализација и унапредување на овој пазар во согласност со светските стандарди.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

30.4.2015