/ Прочитано:

1.769

Со законски измени на полицијата ќе ѝ се ограничи употребата на средствата за присилба

На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија.

Со предлогот за изменувањата и дополнувањата на Законот за полиција, меѓу другото, се предвидени измени што ја ограничуваат употребата на средствата за присилба кои можат да се употребат спрема група, како што се: физичка сила; полициска палка; електричен парализатор; хемиски средства; гумен пиштол; службени кучиња; специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства.

„Предлог-измените тргнуваат од недореченостите кои се однесуваат на дискреционото право на полициските службеници при примената на овие средства за присилба и од недостигот на одредби со кои се уредува рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на наведените средства за присилба“, информираат од Владата.

Во анализите се укажува и на потребата од додефинирање на начинот, условите и ситуациите на употреба на електричниот парализатор и гумените куршуми.

Исто така, со предлог-измените се препорачува доуредување на материјата за користење на средствата за присилба со јасно утврдени процедури и правила, траење и интензитет на користењето, ограничување кога може да се користат, како и доуредување на мерките за претпазливост и заштита на здравјето.

Врз основа на согледувањето на наведените забелешки, Министерството за внатрешни работи изврши соодветно содржинско и концептуално доуредување на законската материја, по што се очекува хармонизирање на наведената содржина со меѓународните стандарди.

Во месец септември оваа година, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, истакна дека законските измени за реформите на полицијата се подготвени и дека за нив ќе биде консултирана и стручната јавност.

„Дефинирани се моделот и правната рамка за воспоставување на надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата, во соработка со Советот на Европа и Народниот правобранител. Овој модел предвидува формирање посебно одделение во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (Обвинителство плус) и формирање посебна организациска единица кај Народниот правобранител како механизам на граѓанска контрола (омбудсман плус или полициски омбудсман). Овој модел ќе биде одлична законска гаранција за независна контрола над работата на полицијата“, истакна Спасовски.

Пред две години, Народниот правобранител побара да се избрише употребата на гумените куршуми од Законот за полиција. Според Народниот правобранител, измените во Законот за полиција со кои се воведоа гумените куршуми и електричниот парализатор се во спротивност со меѓународните стандарди воспоставени од Комитетот за спречување тортура при Советот на Европа, особено во врска со воведувањето на дополнителните средства за присилба, односно „електричен парализатор“ и „гумени куршуми“.

„Имено, постојниот Закон за полиција не ја регулира постапката, како и тоа во кои ситуации може да се користат овие средства за присилба, односно недостигаат јасни правила за нивна употреба, а од друга страна сметаме дека воведувањето на широки овластувања при нивното користење треба да биде придружено со соодветна заштита на човековите права, односно да бидат јасно утврдени во Законот и оперативните процедури, со соодветна обука за нивна употреба. Исто така, потребно е јасно да се утврди постапката околу бројот, траењето и интензитетот на електричното празнење, кое треба да биде ограничено на безбедно ниво, во спротивно би можело да дојде до злоупотреба на средствата за присилба. Во контекст на изнесеното, во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2014 година, Народниот правобранител укажа дека европските стандарди не дозволуваат овие мерки за присилба да се применуваат кон група во толпа, туку само кон поединци. Воедно, според Комитетот за превенција од тортура, користењето на вакви средства само заради одржување на редот се смета за неприфатливо“, образложи Народниот правобранител.

М.В