/ Прочитано:

1.236

Собирањето лични податоци и заштитата на правото на почитување на приватниот и семејниот живот од аспект на Стразбур и Советот на Европа

Во прирачникот на Советот на Европа насловен „Заштита на правото на почитување на приватниот и семејниот живот“, кој прави преглед на опсегот на примена на член 8 од Европската конвенција за човекови права, се вели дека во согласност со практиката на ЕСЧП, информациите од јавен карактер, исто така, спаѓаат во рамките на опсегот на приватен живот кога тие се собираат систематски и се складираат во досиеја чувани од страна на властите.

Оваа изјава на Судот во Стразбур, посочуваат од Советот на Европа, покажува дека собирањето и складирањето информации и податоци од страна на државата за лица со или без нивна согласност, како и достапноста до нив, секогаш се однесуваат на приватниот живот на лицето и оттука, спаѓаат во рамките на надлежностите на член 8 од Конвенцијата. Во таа насока, како информации од ваков карактер се посочуваат:

официјален попис, за чии потреби задолжително се собираат податоци за пол, брачен статус, место на раѓање, етнички идентитет, како и други чувствителни информации;

записи од отпечатоци од прсти, слики, примероци на клетки, ДНК-профили и други лични информации или информации од јавен карактер од страна на полицијата,  кога тие се опфатени со начелото на доверливост;

собирање и складирање на медицински податоци и други лекарски записи;

принуда да се дадат детали за личните трошоци за финансиски цели (а со тоа да се разоткријат интимните аспекти на приватниот живот);

следење, снимање и/или складирање на телефонски разговори;

систем за лична идентификација воспоставен за управни и граѓански цели, како на пример, здравствени, социјални и финансиски бази на податоци;

слики снимени преку уреди за видеонадзор на јавни патишта.

При утврдувањето дали личните информации чувани од страна на властите вклучуваат некои од аспектите на приватниот живот заштитени со член 8, Судот посветува должно внимание на посебниот контекст во кој информациите се снимени и зачувани, како и на карактерот на записите, времетраењето на складирањето, начинот на кој овие записи се користат и обработуваат и резултатите што може да се добијат.

Во секој случај, се вели во едукативниот документ на Советот на Европа, секогаш кога информациите за некое лице се во рацете на државата, засегнатото лице мора да има брз пристап до нив.

Остварувањето на таквото право на пристап може да претрпи низа ограничувања, поврзани, на пример, со постоењето на кривични истраги за тоа лице или со потребата да се урамнотежат индивидуалните права со колективните или со индивидуалните интереси.

„Во сите околности, одбивањето пристап отвора прашања во согласност со член 8, а исто така и откривањето лични информации на други институции или медиуми. Дали одбивањето пристап претставува повреда, во голема мера зависи од причините изнесени од страна на државата со кои ја оправдува таквата одлука и од тоа дали одбивањето може да се смета за неопходно во едно демократско општество и пропорционално на утврдената цел“, се истакнува во прирачникот.

Во врска со овие прашања, од Советот на Европа нагласуваат и дека правните професионалци мора да разберат дека пресудите на Судот не се само советодавни и не се релевантни само за обвинетата страна, туку тие можат да бидат директно повикани пред соодветните национални судски власти, особено кога предност се дава на меѓународните одредби во однос на вообичаените домашни одредби.

Пред да се постави видеонадзор, да се побара мислење од Дирекцијата – препорачуваат од Дирекцијата за заштита на личните податоци

Личните податоци на работниците, за чие собирање од страна на работодавецот веќе не постои законска основа, мора да бидат избришани

Правни инструменти за заштита на личните податоци од злоупотреба и повреда на правата

Нова европска регулатива за поголема заштита на личните податоци и почитување на правото на приватност

Правото на Советот на Европа за заштита на податоците во полициски и во кривично-правни предмети

М.В