/ Прочитано:

1.341

Собранието ги прифати забелешките на геодетите: „Исправена е голема неправда“ – Борис Тунџев, Комора на геодети

Вторник, 22 јули 2014 – Прифатен е амандманот со кој геодетите кои се стекнале со лиценци меѓу 2005 и 2008 година, а имаат работно искуство над десет години нема да мораат да ги обновуваат лиценците за работа во периодот 2015-2018 година, ниту пак да го до го заокружат своето образование.

Како што се предвидува во амандманот поднесен од пратеници на владејачкото мнозинство, геодетите до пензионирање ќе можат да работат со веќе добиените лиценци.

Она што се произнесе како суштинска забелешка во амандманот кој беше прифатен на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието на Република Македонија, како проблем претходно беше најавено и од Комората на геодети.

„Новите законски измени ќе бидат тежок удар за геодетската дејност. Овој за нас како Комора спорен член 65 од предложените измени на Законот за катастар на недвижности, предлагаме во целост да биде избришан“, коментираа за Академик од Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи на РМ.

Претседателот на Комората на геодети (КТПОГТД), Борис Тунџев, вели дека со ваквото усвојување на забелешките и апелот на геодетите се исправа една голема неправда.

„Ви благодарам и на Вас што ја актуeлизиравте темата, иако не ми е јасно зошто имаше медиумски молк по ова прашање. Очигледно дека апелот наиде на слух кај пратениците кои сфатија дека се работи за проблем кој не е само од законодавно-правна, туку и од егзистенцијална природа. Исправена е една голема неправда“, вели Тунџев.

Инаку, во спорниот членот 65 од измените и дополнувањата, кој предвидува геодетите да ги продолжат лиценците во периодот од 2015 до 2018 година, се додава став 3 со кој практично се предвидува изземање на 91 геодет од над 200 во државата, односно вкупно 91 геодет од 200 колку што се лиценцирани во земјава ќе бидат ослободени од потребата да ги обновуваат лиценците до своето пензионирање.

М.В /veljanoskim@akademik.mk