/ Прочитано:

665

Собранието го усвои Годишниот извештај за работата на Советот за превенција од детско претстапништво за 2013

Вторник, 2 септември 2014 – Собранието на Република Македонија во поладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 12-тата седница со 57 гласа „за“, два „воздржани“ и еден „против“ го усвои Годишниот извештај за работата на Советот за превенција од детско претстапништво според кој во 2013 година се бележи зголемување за 19 проценти на бројот на малолетници кои дошле во судир во законот во споредба со 2012 година.

„Овој годишен извештај се презентира во време кога во Република Македонија имаме регистрирано 22 илјади деца во ризик, три илјади деца на кои им е изречена некаква мерка, а 96 проценти од децата на кои им е изречена некаква мерка потекнуваат за жал од комплетни семејства, нагласи Миле Гиновски“, претседател на Државниот совет за превенција на детско претстапништво.

Пратениците истакнаа дека станува збор за една миногу сериозна и чуствителна проблематика и изразија сомнеж дека престојот на децата во ризик во установите дава соодветни резултати. Побараа покрај 16-те општини кои веќе имаат формирано совети за превенција од малолетничко престапништво тоа да го направат и сите останати локални самоуправи во Македонија. Исто така, побараа на родителите да им се дадат насоки како да го препознаат девијантното однесување во раната фаза за да може навремено да се спречи ваквата појава.

Собранието со 60 гласа „за“ ги усвои и Годишниот извештај за работата на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2013 година, и Финансиските извештаи на Агенцијата за 2013 година. Пратениците истакнаа дека во 2013 година Агенцијата бележи раст на приходната страна во однос на 2012 година, што, како што рекоа, покажува дека има раст и на пазарот на осигурување.

Пратениците со 65 гласа „за“ го усвоија и Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2013 година.

Беше посочено дека лани 87,6 отсто од осигурителните компании во Македонија биле сопственост на странци, а само една компанија е целосно во македонска сопственост.