/ Прочитано:

1.420

Собранието ќе биде осветлено во портокалова боја – обележјето на кампањата „16 дена активизам против родово насилство“

Во Собранието на Република Македонија  денеска ќе биде означен почетокот на кампањата „Шеснаесет дена активизам против родово насилство“, во организација на Обединетите нации, а во соработка со институциите во Македонија.

„Семејството на Обединетите нации и Собранието на Република Македонија,  како  домаќин, соработуваат за меѓународната кампања ’16 дена активизам против родово насилство‘ за подигнување на свеста на меѓународно ниво, со цел да се раздвижат активностите за да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата во светот“, истакнуваат од Собранието на Република Македонија, нагласувајќи дека со одбележување на почетокот на кампањата, всушност, се најавува и утрешниот ден, 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените .

„По отворањето, зградата на Собранието ќе биде осветлена во портокалова боја, која е обележје на оваа кампања што се одржува на глобално ниво“, велат од законодавниот дом.

Ценејќи ја потребата од посебна заштита на жените од овој вид насилство, Генералното собрание на Обединетите нации со резолуцијата 54/134 на 17 декември 1999 година, го утврди 25 ноември за Меѓународен ден за борба против насилството врз жените, на што претходеше Декларацијата за борба против насилството врз жените од 20 декември 1993 година. Оттогаш, организациите што ги заштитуваат и промовираат женските права дејствуваат преку различни активности, со цел да ја пренесат пораката за превенирање и запирање на насилството.

Кампањата за Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените трае 16 дена во рамки на глобалниот активизам кој и симболично трае до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. Насилството врз жените претставува сериозна повреда на човековите права што феноменолошки се манифестира како резултат на дискриминаторски третман, односно нееднаквост помеѓу мажите и жените.

Во Македонија во текот на овие 16 дена активизам ќе се одржат бројни активности како поддршка од јавни личности од различни сфери, можност сите да постираат свои пораки против насилството за да ја покажат својата поддршка на социјалните медиуми, како и низа дебати и работилници ширум земјата. Институционалните слабости, неприменувањето на законите, потребата од подигнување на јавната свест и  ратификацијата на Истанбулската конвенција се едни од клучните сегменти за борба против родовото и семејното насилство.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, популарно нарекувана Истанбулска конвенција, е меѓународен документ со досега најсеопфатни законски решенија и политики за заштита од насилство врз жените.  Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените.

Ратификацијата на Конвенцијата подразбира  низа обврски за владите кои ја имаат ратификувано, во однос на преземањето конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените што поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додeка пак домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко, односно економско насилство што се случува во рамките на семејството или домаќинството.

М.В