/ Прочитано:

702

Собранието треба да започне постапка за пратеничките отсуства – оправдани се или не

Понеделник, 10 ноември 2014 – Десетти ноември е датумот кога истекуваат шест месеци од верификацијата на 34 -те мандати на пратениците од опозицијата од страна на Собранието.

Според Деловникот, претседателот на Собранието го известува Собранието за редовноста на пратениците на секои шест  месеца.
Според процедурата, на барање на генералниот секретар службите би требало бараниот материјал да го достават  најдоцна за 48 часа. За пратеникот, кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и за мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да заседава најдоцна за 15 дена, во кои може да донесе предлогот за одземање на мандатот на пратеник. По овој предлог, Собранието води претрес на првата наредна седница и може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. За секој пратеник треба да се одлучува поединечно, а одлуката се носи со двотретинско мнозинство.
Оттука, се очекува на денешната редовна понеделничка координација на пратеничките групи, претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски од генералниот секретар да побара евиденција за присуствата на сите пратеници од овој состав.
Претседателот на Собранието Вељаноски, по добивањето на евиденцијата и процедурата, треба да побара заклучок од Комисијата за мандатно – имунитетни прашања за отсуствата, по што треба да следува изјаснување на Собранието.
СДСМ и помалите опозициски партии пред неколку дена повторно се изјаснија дека не се враќаат во Парламентот.