/ Прочитано:

788

Сообраќајна (не)култура: Алкохол, неприлагодена брзина, 400 казни на ден и многу жртви – трагична македонска реалност

Понеделник, 18 август 2014 – Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска извести дека бројот на прекршоци во сообраќајот бил згoлемен за околу четири проценти, а во првите 6 месеци биле регистрирани 73.152 прекршоци, или 400 прекршоци во текот на еден ден.

Забележано е благо намалување на бројот на жртвите во сообраќајот во однос на минатата година. До сега биле евидентирани 1.716 сообраќајни несреќи со потешки последици во кои загинало 71 лице.

Само на територијата на Скопје евидентирани биле 20 жртви. На подрачјето на Скопје од почетокот на годината до денес направени се речиси 97.924 сообраќајни контроли. Од сообраќајот биле исклучени биле 218 возачи-почетници, 1.644 возачи кои биле под дејство на алкохол а тоа е зголемување за 118 проценти од лани.

Најчеста причини за сообраќајните незгоди се недозволените дејствија кои ги вршат возачите, а особено возење под дејство на алкохол, потоа неприлагодена брзина на моторните возила, непочитување на правото на првенство на минување.

Според податоците, зголемен е и бројот на алкотестирани возачи, 56,5 проценти повеќе од минатата година или 4.817 возачи, како и бројот на привремено одземени возила за 56,3 проценти. Забележано е опаѓање на бројот на исклучени нерегистрирани возила, а се зголемил бројот на возила кои биле технички неисправни.

Карактеристично за Скопје е што во првите седум месеци од 2014 година се намалил бројот на сообраќајните несреќи со материјална штета, но зголемен е бројот на сообраќајки со потешки последици.

„Ова се состојби кои говорат дека сообраќајните контроли мора да продолжат со ист и зголемен интензитет бидејќи превентивното дејствување ги дава своите резултати. Меѓутоа, мора да упатиме и една порака до учесниците во сообраќајот, без разлика во која улога се наоѓаат, дека секој од нас носи сопствена одговорност и може да биде причина за губење на човечки живот или за сообраќајна несреќа со потешки последици“, порача Јанкулоска.