/ Прочитано:

2.570

СОРАБОТКАТА ПОМЕЃУ АДВОКАТУРАТА И ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ВОДИ КОН УСПЕСИ: Разговор со финалистите на меѓународниот натпревар по деловно право

Соработката помеѓу адвокатурата и правните факултети неминовно води кон успех. За тоа најдобро говори нашиот успех на реномираниот меѓународен натпревар по деловно право кој се одржа во Хрватска. Адвокатите и професорите по право, како практичари и теоретичари, можат да го профилираат знаењето на младите студенти по право во оригинален спој на теоретската мисла и правната практика, што понатаму ќе им овозможи солидна основа за влез во правната професија, велат за Академик, менторите адвокати, професори и студентите по право кои се финалисти на меѓународниот натпревар по деловно право Big Deal“.

Адвокатите Емилија Ќелешоска – Шољаковска и Ана Хаџиева – Ангеловска од адвокатската канцеларија „Дебарлиев Дамески & Ќелешоска“, како и д-р Биљана Петревска, м-р Петар Димитров и Катерина Жатева од Правниот факултет „Јустинијан Први“, како ментори на студентите,  истакнуваат дека влезот во финалето, на толку реномиран натпревар, говори дека Правниот факултет „Јустинијан Први“ има одлични и посветени студенти, кои го надоградиле своето теоретско знаење со знаењето на адвокатите. Студентите Васка Бојаџи, Сара Кајевиќ, Ванче Камчев и Вилдан Дрпљанин, кои го постигнаа големиот успех на натпреварот, нагласуваат дека за нив овој натпревар не значи само успех, туку значи и сериозна инвестиција во своето знаење, што е основа за нивните понатамошни успеси на професионален план, како идни магистри по право, адвокати, судии, обвинители или пак, правници во бизнис секторот.

„Навистина ми е драго и ми претставува особено задоволство што овие млади колеги, со многу труд и амбиција се посветија кон својата задача и што имаа огромна желба да осознаат суштински работи за адвокатурата, да видат како адвокатурата функционира во реалноста, какво е чувството да се застапува и низ какви предизвици се поминува низ дејноста“, вели адвокатката и менторката на студентите, Емилија Ќелешоска – Шољаковска  од адвокатската канцеларија „Дебарлиев Дамески & Ќелешоска.

Правното образование и адвокатурата се претставија во најдобро светло

Адвокатката Ќелешоска – Шољаковска истакнува дека за нив, како адвокатско друштво, било голем предизвик да ги пренесат знаењата на младите студенти со цел тие да се претстават во најдобро светло на натпреварот, со што воедно ќе го докажат квалитетот на македонското правно образование и македонската адвокатура во регионални и меѓународни рамки.

„На почетокот од подготовката на студентите, имавме предавање за тоа што преставува адвокатурата и како е да се работи како адвокат на овие простори. На тој начин ние дополнително ги заинтересиравме студентите за нивниот предизвик, давајќи им елан и чувство за тоа што значи адвокатурата и кои се целите кои таа треба да ги достигне во смисла на  постигнување на професионален успех, што можеше да се види токму на овој натпревар“, вели Ќелешоска – Шољаковска.

Таа појаснува дека натпреварот е резултат на соработката меѓу адвокатските кацеларии од различни држави од регионот, кои претежно работат во областа на деловното право. Проектот „Big Deal“ е во организација на регионалната мрежа на адвокатски канцеларии „Top-tier Legal Adriatic, а иницијалната замисла и идеја за организирање на ваков оригинален концепт на сублимирање на теорија и адвокатска практика, потекнува од белградската адвокатска канцеларија Јанковиќ, Поповиќ и Митиќ.

Од оригинална идеја до големи едукативни бенефиции за студентите

„Овие адвокати  во текот на работењето дошле до идеја да организираат натпревар во симулација на купување на фирма, како новина во делот на натпреварувањата и различен концепт од сите други, со нагласување на адвокатската практика. Идејата е навистина одлична, и овој натпревар, мора да се признае, е од голема едукативна корист за студентите, што беше и наш предизвик да се приклучиме во реализацијата на таквата замисла. Од пред две години, основана е асоцијацијата на адвокатски фирми која се нарекува „Top-tier Legal Adriatic“, од која и адвокатското друштво „Дебарлиев Дамески & Ќелешоска„ е дел. Бидејќи се работи за регинално вмрежување, се одлучи оваа година натпреварот да се организира на регионално ниво“, појаснува адвокатката Ќелешоска – Шољаковска.

Таа образложува дека целта на натпреварот е изработкана Legal Due Diligence Report, како и Draft Share Purchase Agreement, кои подоцна од страна на студентите биле елаборирани и одбранети пред комисијата составена од адвокати од повеќе држави.

Професорот Димитар Гелев со воодушевување го прифати предлогот

„Се работи за исклучиво комплексна материја за која е потребно одлично познаавање на англискиот јазик, одлично познавање на материјата по деловно право и одлични реторички вештини. За тоа, секако, потребни се солидни студенти. Јас се јавив на Правниот факултет „Јустинијан Први“, тоа е факултетот на кој и јас ги завршив своите студии, и за предлогот и идејата наидов на големо воодушевување кај професорот д-р Димитар Гелев и асистентот м-р Петар  Димитров, кои истакнаа дека  ќе обезбедат студенти кои можат да одговорат на оваа задача. Знаете, сепак станува збор за нешто ново, значи симулација на продажба на фирма и вакво натпреварување не е организирано на овие простори, ниту пак интернационално. Поаѓајќи од тој факт, професорите предложија навистина фантастични студенти, одлично едукативно подготвени, со одлично познавање на англискиот јазик, реториката, аргументацијата и вештината на говорење“, вели адвокатката.

Таа објаснува дека натпреварот е конципиран на таков начин што сите тимови, односно сите јурисдикции, добиваат ист случај, за кој се прави длабинска анализа и се подготвува писмен дел, кој потоа се брани усно. Во таа насока, менторите со студентите работеле цело време, давајќи им насоки како реализацијата на еден таков случај, продажба на фирма, изгледа во реалноста.

Студентите, одлично теоретски подговени и засилени со адвокатските знаења по подготовката на писмениот дел, имале усна презентација, за која следувале прашања и одговори за да се види колку самите тие успешно одговориле на задачата. Како што појаснува адвокатката, коцептот на натпреварот е таков што студентите се адвокати на потенцијалниот купувач и како адвокати ја разгледаат документацијата, анализираат и подготвуваат Legal Due Diligence Report, како и Draft Share Purchase Agreement, односно договор за купорпродажба на уделите.

Потреба од засилена соработка помеѓу адвокатите и факултетите

Успехот, вели адвокатката, бил неминовен затоа што студентите оставиле прекрасен впечаток со своите познавања и токму нивниот квалитет и работа ги вброил во редот на финалистите, помеѓу кои се правните факултети од Љубљана, Загреб и Белград. Адвокатката Ќелешоска – Шољаковска, додава дека натпреварот не претставува само натпреваување, затоа што тој иницира и една друга суштинска работа, а тоа е – примената на практичното образование на правните факултети.

Емилија Ќелешоска – Шољаковска, адвокат и ментор

„После 20 години, можам да констатирам дека практичниот дел се занемарува на правните факултети, но затоа може одговорноста да ја побараме и кај себе, кај адвокатите, затоа што ние, преку Адвокатската комора треба да нудиме еден вид на пракса, чисто да се види како се применува праксата во адвокатурата. Или пак во судот или обвинителството, во зависност од тоа што би сакале да работат младите правници. Мене искрено, многу ми е драго кога гледам дека ваквите иницијативи имаат искрена и максимална поддршка од професорите, особено на Правниот факултет „Јустинијан Први“, вели Ќелешоска – Шољаковска.

Адвокатурата е одговорна професија

Нејзината колешка, адвокатката Ана Хаџиева – Ангеловска, која исто така е ментор на студентите, вели дека мошне е важно што натпреварот ги запознава студените со одговорноста на адвокатската професија.

„Ова натпреварување, првенствено, значи многу напорна работа. Бев ментор и ги советував студентите како треба во оваа ситуација да се однесуваат како адвокат. Како што постои одговорност за натпреварот, така постои и одговорност во реалната адвокатура. Значи, тоа е многу одговорна професија, која е многу динамична и постојано се менува. Затоа е потребно знаење и затоа е потребно посветеност и љубов кон професијата, која се стекнува уште за време на студиите. Овој натпревар е единствена можност студентите да допрат до суштината на она што значи да се биде одговорен адвокат“, вели адвокатката и менторка,  Ана Хаџиева – Ангеловска од адвокатската канцеларија „Дебарлиев Дамески & Ќелешоска“.

Да се биде тим е реткост во Македонија

Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, д-р Биљана Петревска, како ментор на студентите, вели дека посебно е задоволна што взаемниот однос на адвокатурата и професурата докажуваат дека теоријата и практиката мора да се надополнуваат.

„За мене претставуваше огромна одговорност овој натпревар, посебно што почитуваниот професор Димитар Гелев ни ја даде таа одговорност. Тоа е професор кој води голема грижа за младите кадри и нивниот развој. Исто така, беше одговорност и обврска успешно  да ги претставиме факултетот и адвокатската канцеларија. Овој успех говори колку значи да се спојат теоријата и праксата, а студентите најдобро ги почувствуваа придобивките.  Драго ми е што работевме како тим. Навистина бевме тим, што е реткост во Македонија. И секако, треба да се нагласи дека за ваков успех, потребен е многу, многу труд“, вели професорката Петревска, нагласувајќи дека им советувала на студентите да се раководат по мотото деа битно е да се победи, не само да се учествува.

Ана Хаџиева – Ангеловска, адвокат и ментор; Сара Кајевиќ, студент и финалист; Ванче Камчев, студент и финалист и асс.м-р Петар Димитров, ментор

Студентите на правни студии поблиску до адвокатите

Асистентот м-р Петар Димитров, посочува дека тој, заедно со професорот Гелев, инсистираат на присуство на практиката во правничката едукација и дека се раководат од тие премиси дека теоријата и праксата мора да се надополнуваат, особено во едукацијата за деловното право.

„Факт е дека години наназад се обидуваме да имплементираме повеќе пракса и факт е дека се повеќе студенти одат на пракса. Но, нагласувам дека конкретно преку овој натпревар, се доближува до студентите еден поинаков концепт, значи се работи за ситуација кога студентите се до адвокатите, во канцеларијата, гледаат како функционира адвокатската практика во реалноста. Тоа е голема придобвика, и така може многу да се научи.  Затоа, колку што повеќе има вакви настани, толку подобро е за студентите, но и за адвокатите и професорите. Нашите студенти кои постигнаа успех се екстремно добри и искуството кај адвокатите и стекнувањето на тие адвокатски знаења се одлично надградување на она што го знаат. Затоа велам, кај адвокатите кои беа ментори се научи многу, дури и јас, на мое задоволство, учев заедно со студентите“, вели менторот Димитров, додавајќи дека студентите имале за анализа голем број на документи на англиски јазик, кои детално ги анализирале, давајќи се од себе да избијат на врвот на правничкото знаење.

„Ми беше особено задоволство да бидам ментор и самиот повик од авокатите беше голем предизвик за мене. Предизвикот беше и понесувањето на одговорноста, што се преточи и кај студените, па така заедно, го добивме крајниот резултат. Студентите се многу мотивирани и очекуваме прво место во финалето“, додава Катерина Жатева од Правниот факултет „Јустинијан Први“, ментор на студентите.

 Вештини за да се оформи „комплетен правник“

„Во текот на студиите се стекнува со правничко знаење, но не и со неопходните практични вештини за правничката професија. Примената на знаењата од адвокатурата, практичниот дел и едукација се начин да ги стекнеме тие вештини, потоа да се засили правната логика, критичкото мислење, чувството за детектирање на проблеми во различни документи и надоградување на оратоските способности. Ако ги нема правникот овие вештини, тогаш не може да се говори за комплетен правник. Натпреварот беше големо искуство за мене и моите колеги и пресреќна сум што имаме одлична соработка со адвокатите и професорите, кои несебично се вложија, за разлика од наставниот кадар на други правни факултети кои не сакале да соработуваат со студентите за натпреварот“, вели студентотот и финалист на натпреварот, Васка Бојаџи.

„Бевме господари на случајот“

„Моите впечатоци се извонредни. За нас ова беше и е прекрасно искуство, и тоа благодарение на адвокатите и професорите од нашиот Правен факултет, што ни овозможија да искусиме нешто што на другите факултети немаат можност да го искусат. Бевме сигурни во нашето знаење и затоа знаевме дека сме господари на овој случај. Имавме слобода, но и голема одговорност. Научивме многу и не чека уште понапорна работа“, вели студентот и финалист, Ванче Камчев.

„Ова за нас беше голем предизвик, кога се пријавивме се уште не бевме сигурни за што се работи, но имавме креативна љубопитност да дознаеме и да се фокусираме кон случувањето. Беше многу поучно искуство, затоа што низ случајот кој го имавме за елаборација, ние видовме каде всушност се спојуваат различните правни гранки кои ги учиме, во контекст на практиката.  Од голема полза за студените е кога адвокатурата и професурата се спојуваат во едукативни цели“, вели Сара Кајевиќ, студент и финалист на натпреварот.

Вилдан Дрпљанин, студент и финалист; проф. д-р Биљана Петревска, ментор; Катерина Жатева, ментор; Васка Бојаџи, студент и финалист

Адвокатската „машинерија“ како предизвик

„Најпрво, многу ме изненади глетката кога видов како функционира адвокатурата. Десет растрчани адвокати низ канцеларијата. Си помислив, дали можам да се вклопам во вакво темпо, дали може да се вклопам во таа машина. А, зошто па да не? Сфатив дека самодовербата и одговорноста се она што им дава посебна димензија и одлика на адвокатурата. Така и постапив кон подготовката на случајот, со многу труд и одговорност. Си реков, сега најдобро имам шанса да покажам што сум научил. Имав и испити за спремање за на факултет, но знаев дека и ова учење е поврзано со нив затоа што така најдобро се гледа што всушност си научил на студиите“, вели Вилдан Дрпљанин, студент и финалист на натпреварот.

Адвокатските знаења и практики да бидат дел од наставниот план

Амбициозните и талентирани студенти по право додаваат дека во рамки на правното образование, адвокатурата може и треба да даде ислучителен придонес, кој не може да се замени со ниту една друга пракса, затоа што како што велат, адвокатите се традиционален браник на човековите права, но и носители на современите атрибути на правничката професија.

„Адвокатите и професорите по право, како практичари и теоретичари, можат да го профилираат знаењето на младите студенти по право во оригинален спој на теоретската мисла и правната практика, што понатаму ќе им овозможи солидна основа за влез во правната професија. Само во такви услови може да се говори за посериозни успеси, како што е успехот на меѓународниот натпревар во Загреб“, истакнуваат младите студенти по право.

ПРИМЕНА НА АДВОКАТСКИ ЗНАЕЊА ЗА ВЛЕЗ ВО ФИНАЛЕ: Успех на македонските студенти по право на меѓународен натпревар во Загреб

Македонски студенти на меѓународен натпревар по деловно право

М.В / veljanoskim@akademik.mk 4.11.2015