/ Прочитано:

1.250

Состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Република Македонија

Вторник, 4 август 2015 – На крајот на 2014 година на пазарот на осигурување во Република Македонија активно работат 15 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, а 4 осигурување на живот. Во текот на 2014 година е зголемен бројот на осигурително брокерски друштва за 4 нови друштва, на вкупен број од 30 друштва, како и бројот на друштвата за застапување за 2 нови друштва, на вкупен број од 11, велат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Во 2014 година е остварена бруто-полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 7,63 милијарди денари, што претставува пораст од 6,08% во однос на БПП остварена во 2013 година (2013: 7,19 милијарди денари).

Кај неживотното осигурување е остварена БПП во износ од 6,74 милијарди денари (2013: 6,46 милијарди денари), односно пораст од 4,31% во однос на истиот период од минатата година.

Кај осигурувањето на живот e остварена БПП во износ од 888 милиони денари (2013: 729 милиони денари), што претставува зголемување од 21,78% во однос на минатата година.

Друштвата за осигурување на 31.12.2014 година располагаат со средства во износ од 16,42 милијарди денари, со што остваруваат пораст од 18,25% во однос на минатата година (2013: 13,88 милијарди денари).

Вкупниот пресметан капитал на друштвата за осигурување забележува пораст од 11,19% во однос на 2013 година, односно на крајот на 2014 година изнесува 5,18 милијарди денари. Маргината на солвентност, пак, како главен индикатор за процена на стабилноста на осигурителниот сектор, изнесува 1,15 милијарди денари, со што капиталот на осигурителниот сектор е 4,5 пати над нивото на маргината на солвентност.

„Во текот на 2014 година, осигурителниот сектор оствари добивка по оданочување во износ од 342 милиони денари. Притоа, во делот на неживотно осигурување беше прикажана добивка од 340 милиони денари, додека, пак, кај осигурувањето на живот е прикажана добивка во износ од 2 милиони денари. Во доменот на регулативата, во текот на 2014 година се донесени 2 измени и дополнувања на Законот за супервизија на осигурување“, велат од Агенцијата.

БПП во осигурувањето и реосигурувањето кај друштвата за неживотно осигурување ги вклучува сите износи на премија кои се договорени (полисирани) во тековниот пресметковен период, без разлика дали во целост или делумно се однесуваат на наредниот период, додека кај осигурувањето на живот вкупната полисирана премија ги вклучува сите премии платени до крајот на пресметковниот период.

„Во 2014 година е остварена БПП во вкупен износ од 7,63 милијарди денари, што претставува пораст од 6,08% во однос на БПП остварена во 2013 година (2013: 7,19 милијарди денари). Во групата на осигурување на живот e остварена БПП во износ од 888 милиони денари (2013: 729 милиони денари), односно зголемување од 21,78% во однос на минатата година. Овој значаен пораст се должи на зголемената понуда на осигурување на живот во земјата, на сè поголемата информираност на граѓаните за придобивките на ова осигурување, како и на макроекономската стабилност во земјата, при што се очекува понатамошен развој на оваа група осигурување“, истакнуваат од Агенцијата.

M.В