/ Прочитано:

2.272

Социјалното претприемништво ќе овозможи голем број вработувања на лицата со хендикеп

Социјалното претприемништво претставува процес на креирање на социо-економски структури, врски, институции, организации и мерки кои резултираат со одржливи општествени придобивки. Социјалното претприемништво може да се изразува во повеќе облици на организација и работење, а најчесто како социјално претпријатие. Од таму, согледувањето на потребата за основање, поддршка и развој на социјални претпријатија како облик на помагање за социјална сигурност на одделни категории граѓани добива во значење и ја истакнува потребата за правно уредување на оваа област.

„Социјално претприемништво како пат до вработување на лицата со хендикеп“, беше тема на денешната конференција што ја организираше „Полио плус – движење против хендикеп“, а која се одржа во рамките на проектот „Пилот- акција за пристап кон правата на работа на лицата со хендикеп“.

Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Енвер Хусеин, кој се обрати на конференцијата, истакна дека социјалното претприемништво претставува процес на креирање на социо-економски структури, врски, институции, организации и мерки кои резултираат со одржливи општествени придобивки.

„Тоа претставува модел на користење на претприемничкото однесување за општествено-корисни, а не за профитни цели, односно со други зборови, добивката или генерираниот профит се користи за доброто на одделни социјално исклучени или обесправени општествени групи, создавање иновации, заштита на животната средина или за унапредување на определени општествени состојби. Социјалното претприемништво може да се изразува во повеќе облици на организација и работење, а најчесто како социјално претпријатие. Од таму, согледувањето на потребата за основање, поддршка и развој на социјални претпријатија како облик на помагање за социјална сигурност на одделни категории граѓани добива во значење и ја истакнува потребата за правно уредување на оваа област“, нагласи Хусеин.

Душко Миноски, државен советник во Министерството за труд и социјална политика, вели дека и досега е направено многу на ова поле во насока на унапредување на правата на лицата со хендикеп, но упорно се работи на надградување на законската регулатива, со цел нивна целосна интеграција во општеството.

„Пред неколку години беа донесени повеќе измени на Законот за социјална заштита, беа воведени неколку новини меѓу кои: право за мобилност, право за слепило, право за глувост, нега од друго лице и така натаму, но во ваква неповолна економска состојба во државата, сите досегашни преземени мерки не се доволни и ние како држава генерално отстапуваме од укажувањата и од обврските од конвенциите што ги имаме ратификувано. Во споредба со развиените европски држави, каде што свеста е на највисоко ниво, јавните претпријатија, а особено приватните компании на крајот од годината даваат детален извештај во кој наведуваат дека во текот на следната година планираат да вработат уште одреден број лица со хендикеп. И тоа тие не го прават од сожалување, напротив, државите имаат силен систем за едукација, за изучување на разни вештини наменети за луѓето со инвалидитет, со што навистина се конкурентни на пазарот на трудот. Токму во овој дел треба да дејствуваме и ние. Веќе е готава нацрт-верзијата на законот за социјално претприемништво. Во оваа насока ќе бидат формирани т.н. социјални претпријатија“, истакна Миноски.

Социјалниот работник Јадранка Брлечиќ од Хрватска рече дека сите луѓе со инвалидитет ја делат истата судбина, односно дека не се видливи за институциите и не се прифатени на  начин како што заслужуваат во делот на вработувањето на отворениот пазар на трудот.

„Овие проекти, како што е денешниов, е одлична можност да се направи еден чекор напред преку кој овие лица ќе ги остварат своите цели. На работилниците ќе се изврши обука во која 12 експерти ќе изработат професионални планови преку кои ќе се создаде структура која понатаму треба да се развива во Македонија“, појасни Брлечиќ.

На конференцијата беше нагласено дека веќе се зголемува бројот на примери на социјални претпријатија во Македонија, а постојат и силни заложби за развивање на нови модели на конкурентна економија, земајќи ги предвид солидарната економија и социјалната вклученост, со цел интеграција на пазарот на труд на социјално исклучените лица. 

„Министерството за труд и социјална политика особено става акцент на  грижата за ранливите групи и социјално исклучените лица преку социјалната заштита во согласност со начелото на социјална праведност, гарантираното право на помош на немоќните и на неспособните граѓани за работа, во која насока се обезбедува посебна заштита за инвалидните лица и услови за нивното вклучување во општествениот живот. На овие принципи, всушност, е воспоставен и системот на социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните на Република Македонија“, беше истакнато на денешната конференција.

А. Б.