/ Прочитано:

1.377

Совет од пензионирани судии, обвинители, адвокати и универзитетски професори ќе утврдува одговорност кај судиите

Вторник, 10 февруари 2015 – Судскиот совет на РМ, кој истовремено предлага кој судија да биде казнет или разрешен и одлучува по истиот предлог, во иднина само ќе ја води дисциплинската постапка и ќе одлучува,  а предлозите ќе ги иницира посебен совет. Овој самостоен и независен орган ќе биде составен од 9 члена од редовите на пензионирани судии, обвинители и адвокати кои во текот на својата кариера не биле дисциплински санкционирани, како и од редовите на пензионираните универзитетски професори на правните факултети низ Македонија со истакнати резултати и објавени научни трудови. Предлог Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија, кој денеска по скратена постапка  се наоѓа пред пратенците, исто така предвидува членовите на Советот да се избираат на непосредни и тајни избори од страна на сите судии од Македонија. 

Овој орган ќе има надлежност: да расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните,  правните лица, претседатели на судови  за работата на судиите или претседатели на судови, како и за одолжување на судските постапки, како и по допрен глас или други добиени сознанија за работата на судиите или претседатели на судови;  да прибавува податоци и докази кои се од интерес за утврдување на состојбата  во врска со наодите во иницијативата; да прибавува  податоци и доказите кои се од интерес за утврдување на состојбата  во врска со наодите во иницијативата кои се наоѓаат кај државен орган, орган на единицата на локалната самоуправа или кај физичко или правно лице на кое му е доверено вршење на јавни овластувања, кои се должни без надомест да ги достават до Советот во рокот определен во барањето; да врши непосреден увид во судски списи и други списи и досиеја кои се од интерес на Советот за утврдување на фактите  во врска со наодите во иницијативата, да ги разгледува извештаите на Судскиот совет на Република Македонија за работата на судиите и судовите итн.

Советот, по претходна расправа на која се изведуваат докази на сите инволвирани страни, може да донесе одлука за поднесување на барање до Судскиот совет на Република Македонија за поведување на постапка за утврдување на  одговорност на судија или претседател на суд, но може и да ја отфрли иницијативата. Доколку ја прифати, еден член ќе го застапува советот во постапка за утврдување на  одговорност на судија или претседател на суд пред Судскиот совет на Република Македонија.

Според предлагачот, Владата на РМ, примарната цел на Законот е обезбедување на независност на судството како предуслов за владеењето на правото и основен гарант за фер судење.  Оттаму посочуваат, дека извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и препораките од ГРЕКО во однос на судството најмногу се однесуваат токму на системот за утврдување на одговорност на судиите и начинот на водењето на овие постапки. 

„Усогласувањето со меѓународните стандарди за независно судство ќе придонесе до остварување на стабилен судски систем, зголемување на довербата кај граѓаните, како и подобра оценка на земјата во однос на стабилноста на државниот систем и можноста за инвестирање во државата. Воедно, при процесот на преговарање со Европската Унија ќе се овозможи полесен пристап за Република Македонија“, се наведува образложението кон Предлог-законот.

Состав и претседател на Советот

Советот, во согласност со предложеното законско решение,  ќе биде составен од 9 члена на кои им се забранува политичко организирање и дејствување во Советот и не смеат да да остваруваат партиска активност и тоа:

  •  три  члена од редот на пензионирани судии со непрекинат судиски стаж од над 15 години, со истакнати резултати во своето работење и кои за време на својот судиски стаж не биле дисциплински санкционирани, од кои еден член е од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија;
  •  три члена од редот на пензионирани јавни обвинители со непрекинат јавно обвинителски стаж над 15 години, со истакнати резултати во своето работење и кои за време на својот јавно обвинителски стаж не биле дисциплински санкционирани, од кои еден член е од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија;
  • два члена од редот на пензионираните универзитетски професори  на Правен факултет на универзитетите во Република Македонија, со  непрекинат универзитетски стаж на редовен професор над 15 години, со истакнати резултати и објавени научни трудови во своето работење, од кои еден член е од редот на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
  • еден член од редот на пензионираните адвокати со непрекинат адвокатски стаж над 15 години, со истакнати резултати во своето работење и кој за време на својот адвокатски стаж не бил дисциплински санкциониран.

Мандатот на избраните членови трае четири години без право на уште еден избор.

Со работата на Советот раководи претседател, кој се избира од редот на членовите на Советот со мнозинство гласови од членовите. Мандатот на претседателот трае две години, без право на повторен избор.

„Платата на Претседателот на Советот е соодветна на платата на Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, а на членовите на Советот соодветно на платата на членовите на Судскиот совет“, се предвидува во Предло – законот.

Членовите на советот ќе се избираат на непосредни и тајни избори 

Членовите на Советот се избираат од страна на сите судии во Република Македонија, на непосредни и тајни избори.

Предлог-законот предвидува претседателот на Советот најдоцна три месеца пред истекот на мандатот на Советот или на член на Советот, да распише оглас за избор на член на Советот.  Кандидатите својата кандидатура ја поднесуваат писмено до Советот, кој, пак, формира Комисија од три члена за подготвување на кандидатска листа. Комисијата за избор го подготвува изборниот материјал, формира изборни одбори и ги спроведува изборите.

Најдоцна пет дена по распишувањето на изборите, Судскиот совет на Република Македонија го доставува Судскиот изборен именик до сите судови во Република Македонија што се става на увид во судот и секој судија има право во рок од три дена по писмен пат да побара исправка на податоците.

Судскиот совет на Република Македонија најдоцна во рок од 20 дена од денот на распишувањето на изборите го заклучува Судскиот изборен именик.

Изборите се спроведуваат на изборни места со број и со седиште во сите судови во Република Македонија, согласно со Законот за судовите.

Изборите по изборни места ги спроведува изборен одбор формиран со решение од Комисијата за избори.

Изборен материјал

Изборниот материјал се состои од: кутии за гласање и паравани, обрасци за записници,блок со гласачки ливчиња според изводот од Судскиот изборен именик,  листи на кандидати,  извод од Судскиот изборен именик, и  друг материјал потребен за гласање.

Гласање од 8 до 15 часот

Гласањето се спроведува во работен ден.  Започнува во 8,00 часот и трае непрекинато до 15,00 часот. Судиите, кој се идентификуваат со судиска легитимација, гласаат тајно за кандидатите на листата

Во 15,00 часот гласачкото место се затвора, а на судиите што се затекнале во просториите им се овозможува да гласаат.

Избирачкиот одбор може да го затвори гласачкото место и пред истекот на рокот, ако гласале сите судии запишани во изводот од Судскиот избирачки именик.

По затворање на гласачкото место избирачкиот одбор најдоцна до 18,00 часот составува записник за текот и резултатот на гласањето и ја известува Комисијата за избор. Гласачкото ливче е неважечко доколку не е пополнето или има заокружено поголем број на кандидати.

Изборен резултат

Комисијата за избор ги сумира резултатите од изборните места и го утврдува изборниот резултат најдоцна во рок од 48 часа од моментот на затворање на изборите. За избрани членови на Советот се сметаат:

  •  првите двајца кандидати со најголем број гласови од редот на пензионирани судии, и првиот кандидат со најголем број гласови од редот на пензионирани судии од заедниците кои не се мнозинство.
  •  првите двајца кандидати со најголем број гласови од редот на пензионирани јавни обвинители и првиот кандидат со најголем број гласови од редот на пензионирани јавни обвинители од заедниците кои не се мнозинство.
  • првиот кандидат со најголем број гласови од редот на пензионирани универзитетски професори и првиот кандидат со најголем број гласови од редот на пензионирани универзитетски професори од заедниците кои не се мнозинство.
  • еден кандидат со најголем број гласови  од редот на пензионирани адвокати.

Конститутивната седница, која ја свикува претседателот на претходниот Совет, се одржува во рок од 15 дена од изборот на членовите на Советот. Со седницата претседава најстариот член на Советот, до изборот на претседател на Советот.

„Седниците на Советот се јавни. Јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија. За исклучување на јавноста од седниците, Советот одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас“, се вели во Предлог законот.

Детално постапката за  утврдување на факти за  одговорност на судија или претседател на суд

Советот задолжително најмалку еднаш во текот на една работна недела одржува седница на која расправа поединечно по сите иницијативи и донесува одлука, најмногу во рок од 40 дена од денот на поднесената претставка или поплака, односно од денот на допрениот глас или друго добиено сознание. По повод поднесена иницијатива од своите редови определува известител кој по разгледувањето доставува извештај за тоа дали иницијативата е навремена, дозволена, целосна и основана. Советот  ќе ја отфрли иницијативата и за тоа ќе го извести подносителот ако е поднесена за дејствие на судијата кое не претставува  повреда согласно закон, настапила застареност илие поднесена од неовластено лице.

Доколку, пак,  ја прифати  иницијативата, се доставува лично до судијата или претседателот на судот против кој е поднесена иницијативата.

Судијата или претседателот на судот може писмено да одговори на наводите во иницијативата или да даде усна изјава на записник во рок од осум дена од добивањето на иницијативата. Тој има право  на бранител којшто самиот го известува и го обезбедува за расправата. Заедно со одговорот на иницијативата ги доставува сите докази врз основа на кои го заснова својот одговор на барањето или со кои ги побива наводите и доказите во иницијативата.

Комисијата закажува расправа во рок од седум дена од денот на добивањето на одговор на иницијативата од страна на судијата или претседателот на судот. На расправата се поканува судијата или претседателот на судот, на кои им се доставуваат прибавените докази од Комисијата.

На расправата ќе се изведат доказите предложени од подносителот на иницијативата, судијата или претседателот на судот, како и доказите што ги прибавила Комисијата. Судијата или претседателот на судот има право да се произнесе по сите докази изведени на расправата.

Советот врз основа на извештај што содржи сите списи и акти што во текот на постапката Комисијата ги имала на располагање, изјаснувањето на судијата или претседателот на судот, опис на спроведените дејствија, како и образложен предлог за одлучување донесува одлука за поднесување на барање до Судскиот совет на Република Македонија за поведување на постапка за утврдување на  одговорност на судија или претседател на суд.  

Советот ќе ја одбие иницијативата ако утврди дека е неоснована заради непостоење докази дека судијата ја сторил повреда согласно закон.

Со законото исто така е определено дека еден член ќе го застапува советот во постапка за утврдување на  одговорност на судија или претседател на суд пред Судскиот совет на Република Македонија.

>> Предлог на Закон за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија  

E. П./ pavlovskae@akademik.com.mk