/ Прочитано:

2.209

Советот на ЕУ усвои регулатива за формирање на Европско јавно обвинителство

Европското јавно обвинителство првенствено ќе работи на спроведување на Законот за борба против измамата во Европската Унија. Конкретно, оваа институција ќе биде задолжена за истрага, гонење и изведување на сторителите на прекршоци против финансиските интереси на Европската Унија пред лицето на правдата.

Регулативата за формирање на Европско јавно обвинителство денеска беше усвоена од страна на Советот на Европската Унија. Новоформираното јавно обвинителство, чија централна канцеларија ќе биде во Луксембург, ќе биде надлежно за дваесет земји членки на Европската Унија, и тоа: Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Германија, Грција, Шпанија, Финска, Франција, Италија, Летонија, Литванија, Луксембург, Португалија, Романија, Словенија и Словачка.

Оваа институција првенствено ќе работи на спроведување на Законот за борба против измамата во Европската Унија.

Конкретно, Европското јавно обвинителство ќе биде задолжено за истрага, гонење и изведување на сторителите на прекршоци против финансиските интереси на Европската Унија пред лицето на правдата.

Според министерот за правда на Естонија, Урмас Реинсалу, формирањето на заедничко јавно обвинителство претставува цврста заложба на земјите членки на ЕУ за силна соработка во областа на правдата.

„Работата на Европското јавно обвинителство во голема мера ќе помогне да ги заштитиме нашите даночни обврзници. Дури и кога криминалците ќе дејствуваат преку границите, сега ќе можеме да се осигураме дека тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата и дека парите на даночните обврзници ќе бидат вратени“, изјави Реинсалу.

Се очекува Европското јавно обвинителство да почне со работа по три години, откако ќе стапи во сила регулативата што денеска ја усвои Советот на Европската Унија. Датумот, кога точно ЕППО ќе ги преземе истражните и обвинителските задачи, ќе го утврди Европската комисија врз основа на предлог што ќе го даде европскиот главен обвинител.