/ Прочитано:

2.448

Советот на Европа – чувар на човековите права

На 9 ноември 1995 година, Република Македонија стана членка на Советот на Европа, која е водечка меѓународна организација за заштита на човековите права. Советот на Европа има седиште во Стразбур, Франција. Советот на Европа е водечка организација за човековите права на континентот. Опфаќа 47 држави членки, од кои 28 се членки и на Европската Унија. Сите држави членки на Советот на Европа ја потпишаа Европската конвенција за човековите права, која претставува меѓународен договор за заштита на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Европскиот суд за човековите права ја следи примената на оваа конвенција од страна на државите членки. Врз основа на конвенцијата, поединци можат да поднесат жалба пред Судот во Стразбур за повреди на човековите права откако ќе бидат исцрпени сите средства кои постојат во засегнатата држава членка.

Советот на Европа се залага за почитување на слободата на изразување и медиумите, слободата на здружување, еднаквоста и заштитата на малцинствата. Има покренато кампањи за прашања поврзани со заштитата на децата, говорот на омраза преку Интернет и за правата на Ромите како најголемо малцинство во Европа. Советот на Европа им помага на државите членки да се справат со корупцијата и со тероризмот и да спроведат неопходни реформи во правосудниот систем. Групата експерти по уставно право, позната како Венецијанска комисија, дава правни совети на многу земји ширум светот.

Советот на Европа ги промовира човековите права преку меѓународни конвенции, како што се Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство и Конвенцијата за компјутерски криминал. Го следи напредокот на државите членки во овие области и дава препораки преку независни експертски тела кои вршат мониторинг во дадените области. Денес, ниту една држава членка на Советот на Европа не ја применува смртната казна.

Од своето зачленување, посочуваат од Министерството за надворешни работи, Република Македонија во Советот на Европа активно соработува со сите тела на СЕ (Комитетот за превенција на тортура, Венецијанската комисија, ЕКРИ, комесарот за човекови права итн.) и интензивно ги исполнува своите обврски што произлегуваат од членството во СЕ и конвенциите на СЕ кон кои има пристапено.

Во рамките на повеќегодишната активна соработка на Република Македонија со Советот на Европа, претставници на владините институции редовно и активно учествуваат во работата на управните, ад-хок комитетите и комитетите на експерти на Советот на Европа, чии состаноци се во функција на спроведување на меѓувладината програма на активности и хармонизирање на европските политики во сите сфери, освен одбраната.

Од мај до ноември 2010 година, Република Македонија првпат претседаваше со Комитетот на министри на СЕ. Во рамките на своето шестмесечно претседавање, Република Македонија даде максимален придонес во насока на промоција на вредностите и стандардите на организацијата, како и за подобрување на нејзината политичка релевантност на меѓународната сцена. Приоритетите на македонското претседавање со Организацијата беа насочени кон: засилувањето на заштитата на човековите права, јакнењето на интеграцијата со почитувањето на различноста и промоцијата на младинската соработка.

М.В