/ Прочитано:

1.422

Советот на Европа: „Новинарите под притисок: Незаконско влијание, страв и автоцензура“

Новинарите во европските земји во голема мера се изложени на незаконско мешање во нивната работа, кои вклучуваат мерки на заплашување, вознемирување, физички напади, надзор и контрола, разни тактики на задушување на критички гласови и на темите од повеќе области, како и задушување на слободата на говорот, покажува студијата на Советот на Европа, насловена како „Новинарите под притисок: Незаконско влијание, страв и автоцензура“.

 

Последното истражување на Советот на Европа насловено: „Новинарите под притисок: Незаконско влијание, страв и автоцензура“ покажува дека новинарите во европските земји во голема мера се изложени на незаконско мешање во нивната работа, кои вклучуваат мерки на заплашување, вознемирување, физички напади, надзор и контрола, разни тактики на задушување на критички гласови и на темите од повеќе области, како и задушување на слободата на говорот.

Последица од ваквите околности е стравот кај новинарите којшто води кон автоцензура, е генералниот заклучок во истражувањето на Советот на Европа, во кое се опфатени 940 новинари од 47 земји членки на Советот на Европа и Белорусија.

Речиси третина од новинарите кои учествуваа во истражувањето, кое беше спроведено во текот на минатата година од април до јули, пријавиле физички напади на кои биле изложени во текот на 2013, 2014 и 2015 година, а најголемиот дел од нив, дури 69 отсто, пријавиле и психолошко малтретирање, односно заплашување, закани, клевети и понижување.

Истражувањето покажува дека на второ место по зачестеност на незаконски дејствија во работата на новинарите е малтретирањето во вид на електронска комуникација, при што различни облици на закани пријавиле дури 53 отсто од испитаните новинари.

Во соопштението на Советот на Европа се наведува дека на трето место е заплашувањето од страна на разни групи, кое го пријавиле дури 50 проценти од новинарите, а потоа следуваат заканите со употреба на сила (46 отсто), заплашувањето од страна на политички групи (43 отсто), надзор и контрола (39 отсто), заплашување од страна на полицијата (35 отсто).

Оваа студија покажува и дека најголем број физички напади пријавиле новинари од областите на Јужен Кавказ и Турција, но иако е помал процентот, случаи на физички нападнати новинари има и во земјите членки на Европската Унија и во другите земји на Европа.

Понатаму, во студијата се наведува дека повеќе од една третина од новинарите пријавиле дека немаат пристап до механизам кој би можел да ги заштити од надворешни влијанија во нивната работа.

Во оваа насока, ваквата состојба, како што пишува во истражувањето, резултира со тоа што дури 60 отсто од испитаните новинари пријавиле дека се плашат дека ќе бидат изложени на силно психичко малтретирање, дека ќе бидат заплашувани по пат на електронска комуникација, дека е можно да добиваат разни закани од страна на поединци и дека е можно да бидат изложени на физички напади.

Загрижува фактот што обемното истражување на Советот на Европа покажува висок степен на автоцензура меѓу новинарите. Еден од пет испитани новинари кажува дека е под силен притисок настојувајќи своите извештаи да ги приспособи на желбите на своите работодавачи. Дури 31 отсто од новинарите велат дека морале да ги ублажат контроверзните приказни  на кои работеле, 23 отсто не ги објавувале сите добиени информации за одредена тема на која работеле, а дури 15 отсто од новинарите во потполност се откажале од објавување на своите извештаи.

Сепак, во студијата на Советот на Европа се наведува и дека е висок и процентот (36 отсто) на оние новинари што велат дека токму притисокот под кој работат ги натерал многу одлучно да се спротивстават на цензурата, без разлика дали таа доаѓа однадвор или станува збор за автоцензура.

А. Б.