/ Прочитано:

1.205

СОВЕТОТ НЕ ГО КОМПЛЕТИРА ТИМОТ НА ЈАНЕВА: „Ние не работиме по писма и препораки на политичките партии“

Среда, 21 октомври 2015 – Toчката за избор останатите седум обвинители предложени од Катица Јанева воопшто не беше ставена на дневен ред на денешната седница на Советот на јавни обвинители. 

Седницата на Советот заврши, но седумте обвинители на специјалната обвинителка Катица Јанева не беа избрани.

Како што изјави претседателот на Советот, Петар Аневски, точката за нивен избор не била ставена на дневен ред, иако имало предлог на еден од членовите. Имено, како што објасни, при гласањето на 11-те членови на Советот дали изборот на специјалните обвинители да се најде на дневен ред односот бил 6:5 во полза на тие кои не сакале одново да се зборува за специјалното обвинителство. Ставот на Советот  е дека не смее да се доведат во ситуација одново да гласаат за истите седум кандидати.

„При гласањето на 11-те членови на Советот дали изборот на специјалните обвинители да се најде денеска на дневен ред, 6 членови гласале дека не треба повторно да се зборува за специјалното обвинителство и да се изберат уште седум обвинители. Советот не смее да се доведе во ситуација одново да гласа за истите седум кандидати. Нема нови околности, нема нови кандидати. Може да разгледаме на наредната седница. На седницата присуствуваа и претставници на ОБСЕ и амбасадата на САД. Вратата за Катица јанева е отворена да дојде и да разговараме за да се најде излез од кризата. Не знаев што ќе ми достави. Таа ми ја достави истата листа. Ние не работиме по писма и препораки на политичките партии. Одлука за бројот на обвинители носи Советот на јавни обвинители. Нас не не интересира договорот на политичките партии“, изјави Аневски.

Исто така, според Советот досега одобрените кандидати,  Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатим Фетаи, се доволни за Специјалното јавно обвинителство да може да работи.

Јанева, пак, која  не присуствуваше на седницата, изминатиов перид  инсистираше Советот да ги одобри и обвинителите Ленче Ристоска, Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Дарко Јакимовски, Снежана Бундалевска, Гаврил Бубевски и Лиле Стефанова. Писмо со барање до Советот да ги одобри обвинителите беше испратено и од министерот за правда и четирите големи партии.

Одлуката на Советот да го преполови нејзиниот тим,  според Јанева е спротивна на Законот за Специјалното обвинителство. Од Советот, пак, тврдат дека нивната одлука е законска и дека согласно Законот за Советот на јавни обвинители, Советот определува број  на обвинители во секое обвинителство влучително и Специјалното обвинителство.

Според Советот за најголемиот дел од имињата кои не се избрани исто така постои судир на интереси.

>> СЈО ја презакажа седницата – за тимот на Јанева ќе се одлучува утре

>> ПОМОШНИЦИТЕ НА ЈАНЕВА НЕ ДАДОA ЗАКЛЕТВА: Советот повторно ќе одлучува за тимот на специјалната обвинителка

>> СОВЕТОТ ГО ПРЕПОЛОВИ ТИМОТ НА ЈАНЕВА: Прекршени се Законот и Договорот од Пржино, смета Јанева

Е. П.