/ Прочитано:

1.604

Советот за реформа на правосудниот сектор ќе се произнесе за измените на законите за Судскиот совет и Советот за утврдување на факти

Во Министерството за правда се одржа вториот состанок на Советот за реформа на правосудниот сектор.На состанокот, пред членовите на Советот  беше презентирана Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор. За Стратегијата говореше претседателката на работната група за изготвување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, проф. д-р Ана Павловска-Данева.

На состанокот министерот за правда ги повика членовите да ги дадат своите мислења и забелешки во врска со Стратегијата и решенијата што се во подготовка, а кои се однесуваат на реформите во правосудниот сектор.

„Нацрт-стратегијата беше поздравена како добар стратешки  документ, во кој се нотирани повеќето слабости на правосудниот систем со конкретни предлог-мерки.Членовите на Советот со конкретни забелешки даваа предлози за идно надополнување  и изменување на документот, кои ќе бидат разгледани од страна на работната група задолжена за подготовка на Стратегијата. Воедно, на состанокот беа поделени и Нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на РМ и Законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување постапка за утврдување на одговорност за судија, за кои Советот ќе се произнесе на наредната седница“, истакнуваат од Министерството за правда.

На првиот состанок на Советот за реформа на правосудниот сектор беше нагласено дека секоја тема за која се смета дека е битна за реформите во сферата на правосудството е потребно да се актуализира и да се иницира расправа.

„Советот ќе има клучна задача во следење на активностите што ќе произлезат за реализација на Стратегијата и нејзиниот Акциски план за наредните 5 години. По размена на мислењата на членовите на Советот и дискусијата за состојбите, беше разграничена надлежноста на Советот за реформа на правосудниот сектор од реализацијата на Планот за итните реформски приоритети и беше утврдена динамиката за работа на Советот, за што јавноста дополнително ќе биде известена“, беше посочено на првата средба.

Во врска со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, минатиот месец во Министерството беше одржан и координативен состанок со претставниците на граѓанскиот сектор. Како што беше посочено на настанот, целта на оваа средба се активно вклучување и учество на сите чинители во правосудството во процесот на изготвување на Стратегијата.

М.В