/ Прочитано:

1.611

Спасовски им ги одзеде пренесените овластувања на раководителите во МВР

Петок, 13 септември 2015 – Новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера упати телеграма до сите раководни лица со која ги известува дека престануваат да им важат сите пренесени овластувања од министрите кои раководеле со МВР до денот на изборот на новите членови на владата, односно до неговиот избор.

„Како министер за внатрешни работи избран со Одлуката за избор на членови на Владата на РМ, врз основа на законските овластувања, информирам дека сите пренесени овластувања од министрите за внатрешни работи кои раководеле со МВР до денот на донесувањето на наведената одлука за избор на членови на Владата на Република Македонија, престануваат да важат“, пишува во известувањето.

Денеска, пак, Спасовски со нова телеграма до вработените дообјаснува на што се однесува неговиот вчерашен допис.

„Во врска со телеграмата бр.131-60 од 12.11.2015 година, со која престануваат да важат овластувањата од министрите за внатрешни работи кои раководеле со Министерството за внатрешни работи до денот на донесување на наведената Одлука за избор на членови на Владата на Република Македонија, информирам дека истата се однесува на сите пренесени овластувања, освен овластувањата за донесување решенија, други управни акти и документи во управни работи, овластувањата за прием и заведување на актите во деловник и уписник и овластувањата за ракување со печати и штембили, кои ќе важат до донесување на нови решенија за пренесување на предметните овластуања“, се вели во телеграмата.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека ваквата одлука на Спасовски е спротивна на Законот за Влада усогласен на последната средба меѓу партиите за спроведување на обврските од договорот од Пржино.

Според членот 44, став 4 од Законот за Влада: „Министерот за внатрешни работи може да изврши разрешување или распоредување на исто, пониско или повисоко место на носител на раководна позиција во министерството во согласност со Закон“.