/ Прочитано:

980

Специјалната обвинителка до утре ќе ги достави работниот, персоналниот и финансискиот план до СЈО

Четврток, 8 октомври – Специјалната обвинителка Катица Јанева, која треба да ги истражува прислушуваните разговори, до утре го ќе го достави работниот, персоналниот и финансискиот план за работа на нејзиниот тим до Советот за јавни обвинители (СЈО) и очекува незиниот тим да биде одобрен, соопшти денеска нејзината канцеларија.

Јанева во соопштение до јавноста информира дека СЈО побарало да му бидат доставени документите за да може да одлучува за предлог Одлуката за избор на јавните обвинители.

„Во врска со ваквото барање, до Советот на јавни обвинители доставено е Известување дека заклучно со 09.10.2015 година, ќе бидат доставени општиот работен, персонален и финансов план. Воедно изразено е уверување дека Советот ќе пристапи кон доследна примена на законските одредби и кон имплементација на доставените планови, а  во смисла на член 9 став 2 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, ќе ги избере кандидатите кои Специјалниот Јавен обвинител ги предложил од редот на постојните обвинители“, се вели во соопштението на Јанева.

Иако изборот на обвинителите што ги предложи Јанева се очекуваше да биде одржан минатата недела, сепак се одложи со образложение дека СЈО треба да го добие работниот и финансискиот план за тимот на Јанева.

На списокот се јавните обвинители Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Артан Ајро, Бајрам Рустеми, Гаврил Бубевски, Дарко Јакимовски, Елизабета Јакимовска, Лејла Кадриу, Ленче Ристовска, Љубомир Лапе, Маре Ѓорѓева, Снежана Бундалевска, Стефчо Дончев и Трајче Пеливанов.

Кандидатите во најголем дел се од Куманово, Тетово и Скопје, освен Стефанова која доаѓа од редот Обвинителството за организиран криминал.

>> ЈАНЕВА ИЗБРА ТИМ ОД 14 ОБВИНИТЕЛИ: Лиле Стефанова единствен кандидат од организиран криминал 

>> СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЈАНЕВА: Судот го има последниот збор 

>> (ФОТО) ЈАНЕВА ДАДЕ СВЕЧЕНА ЗАКЛЕТВА: Функцијата специјален обвинител ќе ја вршам совесно, непристрасно и одговорно  >> ИНТЕГРАЛНО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ: Целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела