/ Прочитано:

1.185

СПЕЦИЈАЛНО ОБВИНИТЕЛСТВО: Избраните обвинители треба да дадат заклетва

Понеделник, 19 октомври 2015 – Денеска во Совет на јавни обвинители е предвидено свечена изјава да дадат седумтемина избрани обвинители од тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева. Неизвесно e дали обвинителите воопшто ќе се појават на седницата во Советот, откако Јаневa повика тие да не ја прифаќаат поканата.

Имено, откако пред неколку дена останатите седум не беа избрани од страна на Советот на јавни обвинители, Јанева преку соопштение до медиумите повика избраните обвинители да не ја прифаќаат поканата.

„Се заблагодарувам на Советот на јавните обвинители на Република Македонија на поканата да присуствувам на давањето свечена изјава на јавните обвинители, кои треба да бидат дел од тимот кој беше предложен од моја страна. Во овој контекст, реферирајќи се на доставената покана од страна на Советот, во консултација со дел од тимот на јавни обвинители кои се избрани и имајќи го во предвид нивниот став во врска со одлуката на Советот, им препорачувам да не ја прифатат поканата на Советот на јавните обвинители и да не дадат свечана изјава по повод нивниот избор, од причина што таквиот акт би бил само потврда на одлуката на Советот, која е спротивна со Законот за јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, истакна Јанева соопштението. Таа бара Советот да закаже седница и да го избере тимот од јавни обвинители предложен од неа, согласно Законот за Специјалното обвинителство. „Сметам дека во овој момент јавните обвинители треба да ја покажат својата професионалност, стручност и самостојност во донесување на одлуки и дека сите предложени јавни обвинители во мојот тим имаат заслужен кредибилитет да бидат дел од него“, се вели во соопштението. Според одлуката на Советот донесена со тајно гласање, во тимот на Јанева одобрени се Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатим Фетаи. Претседателот на Советот, Петар Аневски, изјави дека со оглед на фактот дека сè уште не се знае обемот на предметите со кои ќе работи обвинителката, бројот од седум обвинители е доволен за Специјалното јавно обвинителство да почне да работи.