/ Прочитано:

1.590

СПЕЦИЈАЛНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО: Ќе започнеме со предистражни постапки за изборните нерегуларности

Петок, 4 декември 2015 – Специјалното јавно обвинителство ќе започне со предистражни постапки кои ги засегаат изборните нерегуларности, информираше попладнево на пресконференција,  Ленче Ристоска, член на тимот обвинители.

Ленче Ристоска, јавен обвинител, член на тимот обвинители на Специјалното обвинителство

„Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите донесе одлука да воспостави стварна надлежност врз сите предмети на ОЈО Скопје кои се однесуваат на изборните нерегуларности. Со засновање на стварна надлежност Специјалното обвинителство веќе формално започнува со предистражните постапки кои ги засегаат изборните нерегуларности. ­ Од моментот од кога беа доставени статистичките податоци, па се до ден денес работевме и на анализа на сите јавно објавени материјали кои се достапни на јавноста. Врз основа на анализите кај нас се створи основано сомнение дека сите предмети кои се поврзани со изборните нерегуларности токму произлегуваат од незаконски следените комуникации и поради тоа решивме да бидат први предмети кои ќе бидат преземени во наша надлежност. Ваквите наши сомненија дополнително денеска се потврдија со тоа што беа доставени предметите од страна на ОЈО Скопје. Извршивме увид и единствено се потврди нашата одлука по однос на надлежноста“, рече Ристоска.

Таа наведе дека не може да го каже точниот број на предмети за кои се работи, меѓутоа прецизираше дека со самото тоа што Специјалното обвинителство воспоставило стварна надлежност врз овие предмети тоа е единствено обвинителство кое е надлежно за истражување и за постапување по тие предмети. ­

„Во деновиве што следат во најкраток можен рок до сите иматели на докази, дали се државни институции или други физички и правни лица кои имаат докази, ќе бидат упатени барања за обезбедување на доказите со што ќе се пристапи кон истражување на предметите поврзани со изборните нерегуларности. Случајот што Фокус го објави пред две недели за личните карти моментално не е доставен, но според нашите сознанија постојат основи на сомнение дека тој предмет е поврзан со незаконски следените комуникации и ги таргетира изборните нерегуларности. Во наредните денови ќе биде побаран и тој предмет по што ќе се произнесеме за стварната надлежност врз него“, рече  Ристоска.

„Никој не е над законот и секој треба да одговара за своите постапки“

Oбвинителката информираше дека  им биле доставени сите материјали од страна на јавните обвинителства во кои биле отворени предмети поврзани со незаконското прислушување за кое што објавивме денеска.

„Иако ние побаравме пет предмети, вклучувајќи го и случајот „Пуч“ кој исто така ни е доставен, од страна на обвинителствата ни беа доставени сите предмети. Иако доставувањето на сите предмети е надвор од нашето барање и со него се нарушува планот и динамиката на работа Специјалното јавно обвинителство уверуваме дека во рамки на предвидениот рок од осум дена ќе одговориме за кои предмети ова обвинителство е стварно надлежно да постапува“, рече Ристоска.

Како што појасни, во законскиот рок од 8 дена ќе се знае и дали ќе се  постапува по предметот „Пуч“.

„Иако тој рок, со оглед на слабата екипираност на обвинителството, не притиска сепак ќе донесеме решение дали сме стварно надлежни, а потоа ќе можеме да се произнесеме и кои конкретни постапки или дејствија ќе се преземаат по однос на тие предмети“, истакна Ристоска.

Додаде дека до Специјалното обвинителство никој не доставил никакви материјали за случајот „Ровер“. ­

„Сите граѓани се еднакви пред Уставот и пред законите. Без оглед, кој и да е засегнат во постапките, стојам зад фактот дека никој не може да биде над законот и дека секој треба да одговара за своите дејствија“, рече Ристоска.

Предметот што го побарале од ОЈО Куманово до денеска не доставен, но, како што објасни, немаат увид кога го имаат примено  барањето и претпоставкие се дека дека рокот кај нив се уште не е истечен. Досега, како што рече, има клима за соработка од страна на обвинителствата.

Ристовска информирашедека во моментов Специјалното јавно обвинителство има ангажирано само двајца истражители, но дека очекува тимот да се дополни со уште 11.  Како што рече, до Министерството за внатрешни работи и до Управата за финансиска полиција доставиле наредби со кои бараат кои 11 имиња конкретно им да бидат делегирани како истражители.

>>  (ФОТО) Обвинителствата и ги доставија на Јанева сите предмети поврзани со прислушувањето   E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk