/ Прочитано:

2.184

СПРАВУВАЊЕ СО НАСИЛНИОТ ЕКСТРЕМИЗАМ: Ажурирани закони, но без посебна стратегија за справување со глобалниот феномен

Прашањето за странските борци не е нов феномен за Македонија. Македонските граѓани се приклучувале и се бореле во странски војни во последните неколку децении, иако во многу мал број. Постојат случаи на поединци кои се приклучиле на групи кои се бореле во Босна и Херцеговина, во Авганистан и во Пакистан.

 

slika

Во моментов, Балканот е регион потенцијално загрозен од феноменот на странски борци и насилен екстремизам. Последниот бран на странски борци, кој започна на крајот на 2011 година со конфликтот во Сирија, добива на интензитет, и е најмасовниот бран во поновата историја. Десетици илјади борци од целиот свет се приклучија кон различни фракции во војната во Сирија и Ирак. Македонија и земјите од Западен Балкан, исто така беа погодени од овој феномен. Има 86 борци кои веќе се вратиле во Македонија од конфликтот во Сирија и во Ирак.

11 лица се осудени на затвор, благодарејќи на операцијата „Ќелија 1“, а дополнителни 4 лица се уапсени во операцијата „Ќелија 2“, која се спроведе на 9 јули 2016. Повеќе од стотина лица од Македонија се сè уште во Сирија/Ирак или биле убиени во борбите.

Важно е да се забележи,  велат од тинк-тенк организацијата „Аналитика“, дека во Македонија уште од првата полициска операција „Ќелија“, бројот на македонските граѓани кои се приклучиле кон ИСИС или други формации во Сирија и во Ирак драматично опадна. Сепак, ова не значи дека екстремистичките идеи престанаа да циркулираат.

„Многу е веројатно дека, како резултат на владините мерки за сузбивање на регрутирањето за странски групи, екстремистите се затскриени, и/или веќе почнале да патуваат кон Сирија и Ирак многу повнимателно или едноставно се рефокусирани кон зајакнување на нивната домашна поддршка“, посочуваат од „Аналитика“.

Стратегијата на Македонија, додаваат од тинк-тенк организацијата, претежно се фокусира на извршната и на судската власт, со малку до речиси никакво ангажирање. Македонските власти гледаат на ова прашање главно од гледна точка на спроведување на законот.

„Тоа се докажува со фактот дека не постои посебна стратегија за справување со насилен екстремизам, туку на ова прашање се гледа како дел од пошироката стратегија за борба против тероризмот. Спречувањето на насилниот екстремизам бара стратегија на инволвирање на локалните заедници и поширок спектар на општествени чинители во целиот процес бидејќи тие можат да одиграат клучна улога во препознавањето и борбата против насилниот екстремизам. Пред сè, ова им се случува во нивните населби, на луѓе кои се нивни роднини, нивни пријатели и луѓе што ги познаваат. Затоа е неопходно да им се овозможи на заедниците да се опремат со правите алатки и вештини за да можат да се справат со оваа закана. Друга загриженост е процесот на ресоцијализација и реинтегрирање на насилните екстремисти и странски борци. Во моментов во Македонија не постои активна програма за ресоцијализација и реинтеграција на странските борци кои се вратиле и кои би можеле, поради недостигот на програми, во иднина да се вратат на бојното поле. Лицата кои биле осудени на казна затвор врз основа на насилниот екстремизам ќе бидат во контакт со општата затворска популација, која веќе е поранлива за радикални идеи отколку општата популација, и, најверојатно, ќе се обидат да им се доближат и да ги шират своите идеи“, образложуваат од „Аналитика“.

Правната рамка за борба против насилниот екстремизам во Македонија

Креаторите на политики во Македонија, во насока со земјите од Западен Балкан и другите европски земји, одлучија да ги ажурираат своите закони за да можат соодветно да се спротивстават на регрутацијата на странски борци.

Иако правната рамка во Република Македонија пред ревизијата содржеше одредби за борба против тероризмот, немаше посебни одредби со кои се криминализира учеството и регрутирањето за странски војски.

Македонското законодавство кое ја покрива областа на тероризмот главно доаѓа од членот 394-а, 394-б, 394-в од Кривичниот законик и Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Со разгорувањето на војната во Сирија, појавата на странски борци стана важно прашање и земјите од целиот свет започнаа да се соочуваат со проблемот кога нивни граѓани им се придружуваат на овие групи. Спротивставувањето на појавата на странските борци и насилниот екстремизам стана врвен приоритет на меѓународната заедница. Затоа е важно да има измени и дополнувања на постојните закони кои конкретно ќе го решаваат прашањето со странските борци.

Во согласност со измените усвоени на 3 септември 2014 г., член 322-а од Кривичниот законик сега гласи: „Тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Република Македонија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години. Законот не важи ретроактивно. Во случајот на Босна и Херцеговина, затворската казна варира од не помалку од 3 години за приклучување кон странски групи, односно 1-10 години за регрутирање на таквите групи, додека во Косово е повисока и достигнува и до 15 години затвор.

Овие законски одредби не се однесуваат на лицата носители на државјанство од земјите во чии воени или полициски формации учествуваат, или пак на македонските државјани кои земаат учество во воена формација под контрола на меѓународно призната влада или меѓународна организација.

Сепак, борците кои им се приклучуваат на умерените бунтовници во Сирија, како оние што им се приклучија на армиите на Националната коалиција на сириските револуционерни и опозициски сили, кои се признаени како легитимен претставник на сирискиот народ од 89 земји, но не и Македонија, ќе се соочат со истите правни последици како оние што се приклучуваат на екстремистички групи.

Важно е законодавството да биде флексибилно и во тек со најновите случувања од боиштата во светот кога станува збор за појавата на странски борци, поради сложеноста на ситуацијата.

Со цел да се спречат идните странски борци да се придружат на борбите, македонските власти не дозволуваат патувања надвор од земјата на лица за кои постои сомневање дека имаат врски со странски екстремистички групи.

(M.В)