/ Прочитано:

949

СРБИЈА: Истрага за обидите за прислушување на Вучиќ, министерот за правда го обвини тајкунот Мишковиќ

Четврток, 6 ноември 2014 – Српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ изјави дека Воено-безбедносната агенција (ВБА) спроведува истрага за обидите за прислушување на премиерот Александар Вучиќ за време на состанокот на Трилатералната комисија во хотелот „Краун плаза“ во саботата.

„ВБА по службена должност покрена истрага. Ќе утврдиме кој се обидел тајно да го снима и прислушува Вучиќ во салонот, каде требаше да има состаноци со државници и бизнисмени. Доказите ќе му ги предадеме на надлежното обвинителство“, истакна Гашиќ. 

Во истрагата е вклучено и Обвинителството.

Весникот „Вечерње новости“ наведува дека припадниците на Контрадиверзискиот тим на Министерството за одбрана откриле скриена камера и микрофон во салонот „Адриатико“, во кој Вучиќ имал повеќе средби по состанокот на Трилатералната комисија. 

Српскиот министер за правда Никола Селаковиќ, пак, прстот го впери тајкунот Мирослав Мишковиќ, сопственик на холдингот „Делта“, дека се обидел да го прислушкува премиерот  со крајна намера да ја урне власта во Србија.

И министерот за правда и премиерот Вучиќ претходно проценија дека штрајкот на 8.500 адвокати во Белград е искористен и е во интерес на тајкуните кои се обидуваат да ги одложат судските процеси против нив, а Селаковиќ отиде и подалеку, нарекувајќи го претседателот на Адвокатската комора, Драгољуб Ѓорѓевиќ, „адвокат на Мишковиќ“.

Сопственикот на „Делта холдинг“ Мирослав Мишковиќ е еден од најбогатите луѓе во Србија, но е обвинет за злоупотреби при приватизацијата во оваа земја. Заедно со синот Марко и уште деветмина соработници е обвинет дека државните претпријатија за патишта ги оштетиле за 154 милиони евра, а државниот буџет за 4,3 милиони евра.